Топлотен удар / Сончаница / Фото: Antonio Guillem Fernández / Alamy / Profimedia

СЗО: Против горештините според германскиот рецепт – пред сè, дрвја и вода

Филијалата на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа вчера во Берлин, по повод Денот на акција против горештинтие во Германија, презентираше нови упатства за акциони планови за здравјето и за заштита од топлината.

СЗО потсетува дека секоја година екстремните горештини ширум светот доведуваат до зголемување на болестите и здравствените проблеми и предвремена смрт. Кардиоваскуларните болести почесто се појавуваат или влошуваат под влијанието на топлината.

Сè подолготрајните топлотни бранови се растечка закана за јавното здравје, особено поради урбанизацијата и растечкиот удел на групи на население со зголемен ризик – постарите и лицата со здравствени проблеми.

Затоа СЗО објавува насоки како научна основа за државните органи низ целиот свет ефикасно да организираат мерки за заштита од горештините.

Сојузниот министер за животна средина на Германија Карстен Шнајдер рекол дека во борбата против топлината помагаат градските дрвја, парковите, недопрените реки, шумите и мочуриштата, кои забележливо го ладат воздухот, а покрај тоа ја складираат водата.

„Често е и неколку степени постудено под големите дрвја. Природата може да ни помогне во борбата против горештините ако ѝ го дозволиме тоа“, рекол тој и додал дека затоа Сојузната влада на Германија инвестира повеќе од кога било досега во практични мерки против климатските промени.

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс-Анри П. Клуге, истакна дека Европа се затоплува побрзо од кој било друг континент „и ние плаќаме за тоа со нашите животи“. Повеќе од 200.000 луѓе низ Европа починале од топлината само во последните четири години.

Тој истакнал дека „на тоа мора да се стави крај“ бидејќи „горештината е тивок убиец, но не е неизбежна“.

Најмногу предвремени смртни случаи од екстремна топлина се случиле во Италија, по што следат Шпанија, Германија и Грција, при што Грција има најголем број смртни случаи поврзани со високите надворешни температури на милион жители. Според Институтот „Роберт Кох“, минатата година во Германија имало вкупно 2.500 смртни случаи поврзани со горештините, особено кај постарите и лицата со здравствени проблеми.

Новите упатства на СЗО засновани на докази им даваат на властите јасен план за градење системи за подготвеност што спасуваат животи, а партнери како што се германската Сојузна влада и германската Држава Берлин го покажуваат патот, рекол Клуге.

Ина Чибора, сенаторка на Државата Берлин за високо образование и истражување, здравство и долгорочна нега, рекол дека Берлин со години активно работи на заштита на населението на градот од топлината и „многу сериозно ги сфаќа своите одговорности во јавните служби“.

Ова вклучува долгорочно одржување и проширување на парковите, зелените и водните површини, како и структурни мерки за заштита од топлина.

Сојузното министерство за животна средина (BMUKN) на Германија уште во 2017 година објавило препораки за развој на систем за предупредување од горештините, а сега истражува опции за национален акционен план.

Берлинскиот сенат во 2025 година усвои национален акционен план за заштита на топлината и здравјето со 72 мерки.

Јавноста се информира секое лето преку различни аналогни и дигитални медиуми, а порталот за заштита од топлина овозможува пристап до планот за акција за заштита на пациентите од горештините, мапа на постудени места во градот, како и совети за однесување.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот