Љубители на кафе, ќе ја обожавате оваа вест — научниците велат дека го продолжува животот
Добра вест за сите што не можат да замислат почетокот на денот без кафе – се чини дека од вашата омилена навика не мора да се откажете. Новото истражување дава подлабок увид во тоа зошто токму кафето може да ви помогне да живеете подолго. Сè поголем број научни докази потврдуваат дека овој пијалак носи и значајни здравствени придобивки, пишува „Храна и вино“.
Препорачано
Истражувањата спроведени во 2025 година веќе покажале дека редовното консумирање кафе може да придонесе за подолг живот со намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести и смртност од сите причини. Сега научниците конечно имаат појасна слика за механизмите што стојат зад овие благотворни ефекти.
Научниците од Тексашкиот колеџ за ветеринарна медицина и биомедицински науки АиМ во април објавија нови откритија за кафето во научното списание „Нутришнс“. Истражувањата покажаа дека одредени соединенија во кафето активираат нуклеарен рецептор познат како NR4A1, протеин во човечките клетки поврзан со одговорот на стрес, разни болести, па дури и процесот на стареење.
„Кафето има добро познати својства за подобрување на здравјето“, рече Стивен Сејф, истакнат професор по ветеринарна медицина и фармакологија, во извештај објавен од Texas A&M.
„Она што го покажавме е дека некои од овие ефекти може да бидат поврзани со начинот на кој соединенијата во кафето комуницираат со овој рецептор, кој е вклучен во заштитата на телото од оштетување предизвикано од стрес.“
Улога на клеточниот „сензор“
Истражувачите појасниле дека NR4A1 е еден вид „сензор за хранливи материи“ кој реагира на соединенијата што ги внесуваме преку храната и пијалоците и игра клучна улога во одржувањето на здравјето за време на стареењето. Овој рецептор е вклучен во важни биолошки процеси како што се воспаление, метаболизам и поправка на ткивата. „Ако оштетите речиси секое ткиво, NR4A1 реагира за да ја ублажи таа штета“, објасни Сејф. „Ако го отстраните тој рецептор, штетата е уште поголема.“
Научниците открија дека соединенијата присутни во кафето – особено полихидроксилните и полифенолните соединенија како што е кофеинската киселина – можат да се врзат за рецепторот NR4A1 и на тој начин да го активираат. Покрај интеракцијата со рецепторот, овие соединенија влијаат на однесувањето на клетките на начини што помагаат во спречувањето на болести, како што е намалувањето на клеточното оштетување и забавувањето на растот на клетките на ракот. Важно е да се напомене дека ова досега е докажано само во лабораториски модели, а не и во испитувањето на луѓе.
Не е сè во кофеинот
Иако кофеинот е најпознатата состојка во кафето, истражувањата сугерираат дека тој не е одговорен за овие здравствени придобивки.
„Кофеинот се врзува за рецепторот, но во нашите модели не покажува значајна активност. Полихидроксилните и полифенолните соединенија се многу поактивни“, објаснил Сејф.
Иако најновите откритија се ветувачки, Сејф нагласил дека соединенијата од кафето веројатно не се единствените одговорни за неговите корисни ефекти и дека се потребни понатамошни истражувања.
„Постојат многу рецептори и многу механизми вклучени. Покажуваме дека ова може да биде еден од важните патишта“, заклучил тој.
Ова истражување отвора нови можности. Бидејќи рецепторот NR4A1 е поврзан со повеќе биолошки процеси, подоброто разбирање на неговата функција би можело „да послужи како основа за идниот развој на нови терапии“.
Научниците веќе истражуваат синтетички соединенија кои го таргетираат овој рецептор поефикасно од природните соединенија што се наоѓаат во кафето. Ваквата работа со текот на времето би можела да придонесе за развој на таргетирани третмани за болести како што е ракот. А дотогаш, барем имаме уште една научна причина да уживаме во нашата секојдневна шолја кафе.
Стоматолог сподели совети по предупредувањето дека омилениот пијалак ги оштетува забите
Овие шест витамини и минерали никогаш не треба да ги земате со кафе


