Дејвид Бекам доби ѕвезда на Булеварот на славните / Фото: Profimedia

ФОТО | Дејвид Бекам доби ѕвезда на Булеварот на славните, Викторија и Том Круз одржаа емотивни говори

Англискиот фудбалер Дејвид Бекам доби своја ѕвезда на прочуениот Булевар на славните во Холивуд, а на свечената церемонија во Лос Анџелес покрај него беа сопругата Викторија Бекам, нивните деца и долгогодишниот пријател Том Круз.

Том Круз, кој и самиот има ѕвезда на Булеварот на славните, прв се обрати пред присутните и зборуваше за извонредната кариера на Бекам.

„Многу пред трофеите, распродадените стадиони, светската слава и признанијата, постоеше едно момче со сон и со решителност и дисциплина да го заслужи сето она што следеше потоа“, рече актерот.

Тој истакна дека приказната на Бекам е вистинска холивудска приказна за момче кое верувало во нешто поголемо од себе и кое со својата работа успеало да го промени спортот и да влијае врз генерации што дошле по него.

Том Круз и Дејвид Бекам / Фото: Profimedia

„Зад сите титули стои човек со големо срце“

Викторија Бекам, која на настанот се појави во елегантен фустан, во својот говор се пошегува дека отсекогаш мислела дека токму таа ќе добие ѕвезда благодарение на филмот „Спајс Ворлд“.

Потоа таа зборуваше за сопругот, нагласувајќи дека јавноста го познава како спортист, бизнисмен и активист, но дека зад сите тие титули стои човек чија најголема сила се добрината, лојалноста и посветеноста кон луѓето што ги сака.

„Неговата амбиција, решителност и работна етика се добро познати, но јас би сакала да се истакнат и неговата добрина, лојалност и посветеност кон семејството“, рече таа.

Викторија и Дејвид Бекам / Фото: Profimedia

 

„Моето семејство е моето најголемо достигнување“

Кога дојде редот да се обрати, Бекам го нарече Том Круз „најголемата филмска ѕвезда на нашето време“ и откри интересен детал од почетокот на љубовната приказна со Викторија.

„Фактот што мојот прв состанок со Викторија беше на филмот ‘Џери Мегваер’ е навистина неверојатен круг што се затвори“, рече тој.

Бекам му се заблагодари на Круз што нему и на Викторија им помогнал да се чувствуваат добредојдени во Лос Анџелес пред речиси две децении и што останал нивен верен пријател низ годините.

Поранешниот фудбалер откри и дека голема инспирација во животот му бил кошаркарот Мајкл Џордан.

„Тој е причината поради која го носев бројот 23. Ми покажа дека можеш да бидеш повеќе од спортист“, рече Бекам.

Најемотивниот дел од говорот го посвети на своето семејство.

„Најмногу од сè сакам да му се заблагодарам на моето неверојатно семејство, на моите родители и сестри кои секогаш ги поддржуваа моите соништа. Викторија, мојата прекрасна сопруга речиси 30 години, без тебе ништо од ова немаше да биде возможно. А моите деца се причината поради која станувам секое утро“, порача тој.

Тој додаде дека се надева оти еден ден неговите внуци ќе дојдат на Булеварот на славните и ќе слушнат приказна за момче кое сонувало големи соништа.

Семејството Бекам / Фото: Profimedia

Бруклин Бекам не се појави на церемонијата

На свеченоста присуствуваа синовите Ромео и Круз, како и ќерката Харпер, додека најстариот син Бруклин Бекам и неговата сопруга Никола Пелц не беа присутни, иако живеат во близина на Лос Анџелес. Нивното отсуство повторно ги разгоре гласините за заладените семејни односи.

Сепак, во неодамнешно интервју Бекам одби да зборува за овие шпекулации.

„Жал ми е што ќе ве прекинам, но тоа е приватна работа. Тоа е единствената тема за која не сакам да зборувам“, изјави тој.

Гордон Ремзи му порача на Бруклин Бекам: „Еден ден ќе ги немаш мајка ти и татко ти“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот