Фото: Инстаграм

Необичен крај на посетата во Шпанија — папата се врати дома со кралски авион

Папата Лав Четиринаесетти ги напушти Канарските Острови и замина за Рим со авион „Фалкон“, што му го понудил шпанскиот крал Фелипе Шести, откако неговиот првичен авион имал технички дефект, јавија новинарите од местото на настанот, пренесе „Еуроњуз“.

Авионот полетал малку по 18 часот, а пристигнувањето во Рим било очекувано околу 23 часот. Папата денеска ја заврши еднонеделната посета на Шпанија.

Заминувањето на понтифот од Тенерифе претходно во текот на денот било одложено поради технички проблем со авионот, по што тој морал да се симне од леталото, јави новинар на Франс прес од местото на настанот.

Шпанскиот крал Фелипе Шести, кој штотуку се збогувал со понтифот на пистата, влегол во авионот на компанијата „Иберија“, по што и двајцата се симнале и се вратиле во терминалот.

Околу 80 новинари останале во авионот, заедно со претставници на Ватикан и членови на свештенството.

„Поаѓањето на папскиот лет е одложено за половина час поради технички проблем со авионот“, соопштила службата за комуникации за папското патување во Шпанија.

Пилотот прво им кажал на патниците дека станува збор за технички дефект, а подоцна прецизирал дека има „неуспешно стартување на моторот“, за што рекол дека најверојатно било предизвикано од временските услови, односно од ветерот.

„Нашиот тим за одржување предлага авионот да биде извлечен, да се постави спроти ветерот и повторно да се обиде стартување на моторот“, им рекол пилотот на патниците во авионот.

„Ќе се обидеме со тоа. Ако успее, ќе можеме да полетаме“, додал тој.

Дефектот беше необичен крај на инаку успешната посета на Мадрид, Барселона и Канарските Острови.

Папата Лав Четиринаесетти за време на патувањето ја истакна својата порака за миграцијата, а ја отвори и новата кула на базиликата „Саграда фамилија“.

Ова беше првпат по повеќе децении папски лет да има толку сериозен проблем што папата морал да го промени авионот.

Искусни ватикански известувачи, од кои дел биле во авионот на „Иберија“, потсетија на неколку инциденти поврзани со авиони за време на понтификатот на свети Јован Павле Втори.

Во 1986 година, при враќањето од Индија, авионот на Јован Павле Втори бил принуден да слета во Неапол поради снежна бура во Рим. Патниците и папата потоа се вратиле во Рим со специјален воз. Во 1988 година, на пат кон африканската држава Лесото, лошото време го принудило авионот на покојниот папа да слета во Јужна Африка — земја што тој тогаш ја исклучил од својата африканска турнеја поради апартхејдот. Подоцна бил пренесен со автомобил до Лесото.

Вообичаено, при папските патувања, италијанската национална авиокомпанија го носи папата до дестинацијата, а националната авиокомпанија на земјата домаќин го враќа назад. Понекогаш италијанската компанија го изведува целиот повратен лет, ако патувањето е особено долго или ако дестинацијата нема соодветен капацитет.

Се расипа авионот со кој папата требаше да се врати од Шпанија во Ватикан

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот