Фото: Скриншот

Трамп: Не знам дали слушнавте, ама денеска ја завршивме војната со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Соединетите Американски Држави и Иран се на чекор до потпишување договор што треба да стави крај на војната на Блискиот Исток, пренесе Н1.

Трамп веста за прекин на непријателствата ја соопшти за време на телефонско вклучување на собир за поддршка на политичките сојузници, а изјавата ја почна со реченицата: „Не знам дали слушнавте…“

„Не знам дали слушнавте, но денеска ја завршивме војната со Иран. Се согласија дека никогаш нема да имаат нуклеарно оружје, што е нешто на што инсистиравме. Тоа беше целата цел. Тоа сочинуваше деведесет и пет отсто од сè“, рече американскиот претседател.

Според зборовите на Трамп, „големиот договор“ ќе го разреши конфликтот и ќе доведе до отворање на Ормускиот Теснец. Тој најави и дека потпретседателот Џеј Ди Венс би можел да присуствува на церемонијата на потпишување на договорот во Европа во наредните неколку дена.

Трамп рече и дека разговарал со голем број светски лидери, меѓу кои и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Пред објавата за постигнување договор, Трамп најави дека Соединетите Американски Држави ќе го заземат стратешкиот ирански остров Харг, од каде што Иран извезува околу деведесет отсто од својата сурова нафта.

Со тоа, Соединетите Американски Држави би презеле целосна контрола врз иранската трговија со нафта и гас, „како што направивме во Венецуела“, додаде американскиот претседател.

Сепак, нападите не беа изведени бидејќи американскиот претседател ги откажал.

Од друга страна, од Техеран пристигнува значително повоздржана реакција.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави на државната телевизија дека извештаите за конечен договор се „шпекулативни“ и дека „ништо сè уште не е финализирано“.

Багеи потврди дека поголемиот дел од текстот на меморандумот е усогласен, но го обвини Вашингтон дека во последен момент поставува „претерани барања“ и „нови услови“, нагласувајќи дека Иран нема да отстапи од своите „црвени линии“.

Војната во Иран почна на 28 февруари со заеднички американско-израелски воздушни напади. Уште првиот ден беше убиен врховниот водач Али Хамнеи, како и поголем број високи државни и воени функционери.

Трамп тврди дека постигнал договор со Иран, Техеран негира — Нетанјаху е оптимистичен за наводниот договор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот