Стапува на сила големата реформа за азил во ЕУ — мигрантите ќе се филтрираат уште на граница
По долгогодишна подготовка, денеска стапува на сила една од најзначајните реформи за азил во Германија и во цела ЕУ. Еврокомесарот за миграција, Магнус Брунер, ветува поголема контрола на надворешните граници на ЕУ.
Препорачано
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт смета дека има промена на курсот.
– Пресврт во миграциската политика има и во Германија и на европско ниво. Цврсто сме решени да продолжиме по таквиот пат и со нашите соседни и партнерски земји – рече Добринт на состанокот на министри за внатрешни работи на ЕУ што се одржа на почетокот на јуни.
Под „промена во миграциската политика“ германскиот министер за внатрешни работи ги подразбира граничните контроли на внатрешните граници на ЕУ и одбивањето на баратели на азил на германските граници без формална постапка, што според него довело до намалување на бројот на апликанти.
Граничните процедури ќе имаат ефект на филтер
Со новиот „Заеднички европски систем за азил“ (ЦЕАС) се воведува прелиминарна проверка на барателите на азил на надворешните граници на ЕУ и се воспоставуваат забрзани процедури во близина на границите за луѓе кои пристигнуваат од земји со ниска стапка на одобрени барања за азил. Тоа значи дека за барателите на азил од земји како Пакистан, Иран, Русија, Турција, Венецуела, Нигерија или Демократската Република Конго во иднина ќе има брзи гранични процедури и дека во тоа време ќе останат во – повеќе или помалку – затворени кампови.
Според статистичката служба на ЕУ, Евростат, стапката на признавање на азил од овие и многу други земји, е под 20 отсто. По негативна одлука за азил, погодените мигранти во рок од максимум 12 недели треба да бидат депортирани во нивните земји на потекло. Листата на „безбедни земји на потекло“ треба да се прошири, за да може барања за азил да бидат отфрлени како „очигледно неосновани“.
Експерти се скептични
Експертот за миграција Гералд Кнаус, основач на тинк-тенкот „Европска иницијатива за стабилност“, се сомнева дека тоа ќе функционира.
— И во изминатите години беше можно да се спроведат таквите т.н. гранични процедури. Сега се задолжителни, па во идеален случај човек ќе знае дека во рок од 12 недели на лицето од Бангладеш во Италија, или на лицето од Пакистан во Грција, веќе не му е потребна заштита. И потоа нема одговор што понатаму — вели Гералд Кнаус.
Депортациите во земјите на потекло и натаму ќе бидат тешки, одбиените баратели на азил веројатно ќе се префрлат во друга земја од ЕУ, иако всушност се задолжени земјите од ЕУ во кои се случил првиот влез — имено Италија, Грција и Шпанија.
— Всушност отсекогаш земјите на пристигнување беа обврзани да ги спроведуваат процедурите за оние што пристигнуваат на нивна територија. Но, тоа едноставно не функционираше. Па зошто сега би функционирало? Ќе видиме за неколку дена — вели експертот.
Поголемиот дел од барателите на азил не подлежат на гранични процедури
Најголемите групи баратели на азил во 2025 година, според податоци на ЕК, потекнуваат од Авганистан и од Сирија. Нивната стапка на признавање надминува 20 проценти, што значи дека тие не влегуваат во граничните, туку во редовните процедури за азил, но дури и за нив се задолжени државите во кои е направен првиот влез во ЕУ.
Гералд Кнаус очекува дека овие луѓе, како и досега, „ќе минуваат низ регуларната постапка и дека веројатно ќе продолжат да се движат кон земји каде во последните десет години биле издадени повеќе од половината од сите позитивни одлуки за азил во ЕУ, а тоа се Германија и Австрија и ниедна од нив не се наоѓа на надворешната граница на ЕУ. Значи, таа ситуација нема да се промени“, вели тој.
Сојузниот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, пак, смета дека новите правила ќе го олеснат враќањето на барателите на азил од Германија во земјите под чија ингеренција се тие. Добринт вели дека за тоа добил гаранции од Италија, Грција и од другите држави. За да се намали товарот врз овие земји, новиот систем предвидува „задолжителна солидарност“ на преостанатите земји од ЕУ, кои треба да преземат дел од обработката на случаите на баратели на азил. Како тоа ќе функционира во пракса, останува нејасно.
Европската комисија треба да ја координира постапката, а Полска и Унгарија од принцип не сакаат да учествуваат. Германија годинава нема намера да прифати баратели на азил бидејќи е преоптоварена, се наведува од Министерството за внатрешни работи.
Дали имаат ефект граничните контроли или промената на власта во Сирија?
Бројот на првични барања за азил во последните две години значително опаѓа и во Европа и во Германија. Тоа се должи на систематските гранични контроли, кои ги спроведуваат Германија и девет други земји-членки на ЕУ, вели министерот за внатрешни работи Добринт.
— Во актуелната ситуација внатрешните гранични контроли функционираат и флексибилно се развиваат во зависност од оперативната ефикасност на другите одлуки, но и натаму се важен инструмент за ограничување на нелегалната миграција — вели министерот.
Затоа, според него, мора да продолжат проверките во Шенген-зоната кои се спорни во контекст на европското право, кое забранува гранични контроли.
ЕК ја повика Германија постепено да ги укинува проверките со оглед на тоа дека стапува на сила новиот Заеднички европски систем за азил. На прашање на ДВ, министерот за внатрешни работи вели дека „јасно ставил до знаење колку е потребно да се одржат граничните контроли токму сега, за да не се испрати погрешна порака до светот“.
— Ефикасно се боревме против нелегалната миграција, но мора да продолжиме за да не настанат повторно ситуации во кои системот е префорсиран — вели Добринт.
Експерти за миграција како Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност, се сомневаат дека контролите и директното враќање на барателите на азил на внатрешните граници на ЕУ во Германија се поврзани со намалувањето на бројот на баратели.
— Ако сега, по падот на Асад, не доаѓаат веќе толку многу Сиријци во ЕУ, ниту во Германија, Австрија или Грција, тогаш бројот на барања за азил во Германија и Австрија драматично се намалува. Тоа се случи и тоа нема никаква врска со министерот за внатрешни работи, ниту со системот ниту со граничните контроли — вели Гералд Кнаус за ДВ.
Од промената на власта во Сирија кон крајот на 2024 година, бројот на луѓе што ја напуштаат земјата нагло е намален.
Подготовките за реформа на азилот не се „совршени“
Раководителот на проектната група ЦЕАС при Сојузната канцеларија за миграција и бегалци БАМФ, Фолкер Мојлен, уште во февруари јасно стави до знаење дека реформата значи многу работа за агенцијата. Системите за обработка на податоци и работните процеси ќе треба да се прилагодат на посложената законска рамка, а многу членови на персоналот треба да бидат обучени.
Во неодамна објавен извештај, ЕК во Брисел го критикуваше фактот дека Германија и земјите како Грција и Италија сè уште не ги исполнуваат барањата на системот во одредени области. Прашањето од ДВ до прес-службата на БАМФ во врска со тоа дали подготовките се завршени, остана неодговорено до моментот на објавување на текстов. Еврокомесарот Магнус Брунер коментирајќи го извештајот, изјави дека реформата од 12 јуни означува почеток, а не крај. „Не може сè да биде совршено од почеток“, вели тој.
Центри за враќање на барателите на азил?
За враќање на баратели на азил од Германија во задолжените земји од ЕУ треба да се формираат т.н. „центри за враќање“. Моментално има само два такви центри – еден во Хамбург, во северна Германија, и друг во Ајзенхитенштат, во источна Германија.
Договорот постигнат меѓу земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент предвидува некогаш да биде можна и депортација на одбиени баратели на азил од ЕУ во трети земји. Министерот за внатрешни работи Добринт објави дека земји-партнери кои се подготвени да прифаќаат одбиени баратели на азил треба да бидат идентификувани до крајот на годината. Кога всушност би можеле да бидат изградени вакви центри?
— Тоа останува тешко прашање — вели министерот.
Извор: DW / Автор: Бернд Ригерт


