Фото: ЈП „Водовод и канализација“

Скопска фирма за милион евра ќе го прави „паметен“ охридскиот водовод

Охрид добива нов дигитален систем за управување со водоснабдителната мрежа, откако Општина Охрид склучи договор вреден 60,9 милиони денари со ДДВ, односно околу 990.000 евра, за воведување СКАДА и ГИС систем во градскиот водовод, објави Фактор.

Проектот предвидува воспоставување на современ систем за следење и управување со пумпните станици, резервоарите, бунарите, притисокот, протокот и нивото на водата во водоснабдителниот систем. Во рамки на договорот ќе се изврши и дигитално мапирање на 235 километри водоводна инфраструктура.

Според јавно достапните информации, проектот бил најавуван и во претходниот период. Во јануари 2025 година ЈП „Водовод“ Охрид го посочило воведувањето на СКАДА системот како еден од своите приоритети, а подоцна тој бил вклучен и во програмските документи на Општина Охрид.

Договорот го добила компанијата „ГДи експорт-импорт“ ДООЕЛ Скопје, која е дел од меѓународната ГДи групација со седиште во Загреб, Хрватска. Како застапник на фирмата во договорот е наведен Дејан Крстевски, додека според податоците на групацијата, претседател и главен извршен директор е Боран Лончариќ.

Највредната ставка во понудата е лиценцираниот СКАДА софтверски пакет за две работни станици, проценет на 16,4 милиони денари со ДДВ, односно околу 267.000 евра. Дополнително, за ГИС системот се предвидени 10,45 милиони денари со ДДВ или приближно 170.000 евра.

Според договорот, системот треба да биде имплементиран во рок од 150 дена од добивањето на писмен налог. Целта е воспоставување централизирана дигитална контрола на водоводната мрежа и подобар увид во функционирањето на инфраструктурата.

Фактор потсетува дека истата компанија во април годинава доби и договор од Министерството за транспорт за изработка на софтвер и имплементација на веб-базирана геоинформатичка платформа, вреден 215,1 милиони денари или околу 3,5 милиони евра.

Град Скопје: Проблем не е водата, проблем се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот