Светската метеоролошка организација предупредува за Ел Нињо - Фото: WMO

„Ел Нињо“ официјално почна — научниците предупредуваат за екстремно време ширум светот

Американски научници соопштија дека официјално започнал „Ел Нињо“, природен климатски феномен во Тихиот Океан кој придонесува за зголемување на глобалните температури. Американската Национална управа за океани и атмосфера потврди дека условите за „Ел Нињо“ веќе се присутни во тропскиот дел на Тихиот Океан, каде што температурата на површината на морето во последните месеци нагло се зголемила, пренесува „Би-би-си“.

Оваа објава не претставува изненадување, бидејќи метеоролозите одамна го очекуваа почетокот на оваа фаза на затоплување. Бројни прогнози укажуваат дека станува збор за таканаречен „супер Ел Нињо“, кој би можел да биде меѓу најсилните некогаш регистрирани.

Надоврзувајќи се на повеќедецениското затоплување предизвикано од човековите активности, овој феномен би можел да донесе уште една рекордно топла година – најверојатно во 2027 година – проследена со сериозни нарушувања на временските услови, снабдувањето со храна и економските текови, чии последици би можеле силно да се почувствуваат ширум светот.

Потврда од научниците

Температурите на површината на морето во централниот и тропскиот дел на Тихиот Океан сега го надминале прагот од 0,5 Целзиусови степени над просекот, што американските научници го користат како критериум за дефинирање на појавата „Ел Нињо“.

„Условите за ‘Ел Нињо’ се развија во текот на изминатиот месец, што го потврдуваат натпросечните температури на површината на морето во централниот и источниот екваторијален дел на Тихиот Океан“, соопшти агенцијата.

Од Националната управа за океани и атмосфера наведуваат и дека ветровите над екваторијалниот дел на Тихиот Океан почнуваат да се менуваат, што претставува знак дека атмосферата веќе реагира на потоплиот океан, а не само дека океанот се загрева.

Моделите предвидуваат рекордна јачина

Она што особено ги изненадило истражувачите е високото ниво на сигурност што компјутерските модели веќе го покажуваат во однос на интензитетот на феноменот. Силата на „Ел Нињо“ се мери според порастот на температурата на површината на морето во однос на просечните вредности во клучниот дел на Тихиот Океан.

Силен „Ел Нињо“ се дефинира како пораст поголем од 1,5 Целзиусови степени над просекот, додека многу силен настан подразбира пораст поголем од 2 Целзиусови степени.

Според јунската прогноза на Националната управа за океани и атмосфера, постои 63 проценти веројатност за многу силен „Ел Нињо“ во периодот од ноември до јануари, што би го вброило меѓу најсилните настани во историските записи што се водат од 1950 година.

Трите најсилни досега забележани појави се случиле во периодите 1982/1983, 1997/1998 и 2015/2016 година.

Некои од најновите американски и европски модели одат чекор понатаму и покажуваат дека температурите во тропскиот дел на Тихиот Океан до крајот на годината би можеле да бидат и повеќе од 3 Целзиусови степени над просекот.

Сепак, американската агенција повика на претпазливост.

„Дури и многу силните појави на ‘Ел Нињо’ не ги предизвикуваат очекуваните последици во сите региони, но посилните настани значително ја зголемуваат веројатноста за појава на предвидените последици.“

Глобалното затоплување ги засилува ефектите

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што сето ова се случува на планета која веќе е значително потопла отколку во минатото.

„Мора да бидеме загрижени поради последиците“, изјави професорот Адам Скејф, раководител за климатски прогнози во Британската метеоролошка служба.

„Сегашниот ‘Ел Нињо’ се надоврзува на значително глобално затоплување. Тоа значи дека реалните температури во погодените региони би можеле да достигнат досега невидени вредности, бидејќи затоплувањето предизвикано од ‘Ел Нињо’ се додава на климатските промени.“

Многу силен „Ел Нињо“ вообичаено ја зголемува глобалната температура на воздухот за околу 0,2 Целзиусови степени, ослободувајќи ја топлината складирана во океанот во атмосферата. Овој дополнителен бран топлина сега влијае врз свет кој веќе соборува температурни рекорди.

Годината 2024, која беше најтоплата досега регистрирана, беше поттикната од „Ел Нињо“ кој не беше особено силен. И покрај разладувачкиот ефект на Ла Ниња, 2025 година остана трета најтопла година во историјата, потопла дури и од годината на таканаречениот супер „Ел Нињо“ во 2016 година.

„Кон крајот на оваа година и во текот на 2027 година најверојатно ќе сведочиме на многу високи глобални температури“, изјави професорот Скејф.

„Во 2027 година веројатно ќе се соочиме со дополнителен топлотен бран над веќе постојното глобално затоплување, што лесно би можело повторно да доведе до надминување на границата од 1,5 степен во однос на температурите од крајот на 19 век.“

Суши, поплави и пожари низ светот

Ниту еден Ел Нињо не е идентичен со претходниот, но неговите последици најсилно се чувствуваат во тропските региони.

Поплавите се честа појава во северен Перу и јужен Еквадор, а можат да погодат и делови од Источна Африка, Централна Азија и јужните делови на Соединетите Американски Држави.

Истовремено, се зголемува ризикот од суши и шумски пожари во голем дел од Австралија, Индонезија и северниот дел на Јужна Америка, што директно влијае врз земјоделството и глобалните резерви на храна.

Ел Нињо обично го намалува и бројот на урагани во Атлантскиот Океан, па метеоролозите веќе очекуваат помирна сезона од просечната.

„Иако тоа звучи како добра вест, за Централна Америка тоа значи значително помалку врнежи и можност за суша“, изјави Лиз Стивенс, професорка по климатски ризици на Универзитетот во Рединг.

За милиони луѓе овие прогнози не се само статистика.

„Објавата за Ел Нињо не е само уште една временска прогноза – за милиони луѓе тоа е смртоносно предупредување од кое треба да се стравува“, изјави Мохамед Аду, директор на организацијата „Пауер Шифт Африка“.

„Тоа значи недостаток на дождови, уништени посеви, раст на цените на храната и семејства повторно доведени на работ на опстанок. Особено во Источна Африка, ова ќе ги погоди заедниците кои веќе се соочија со суши и поплави во изминатите години.“

Не се согласуваат сите агенции 

Јапонската метеоролошка агенција го дели ставот на американските научници и проценува дека условите за Ел Нињо веќе се исполнети, додавајќи дека феноменот речиси сигурно ќе трае до есен.

Сепак, не сите институции се подготвени официјално да го потврдат неговиот почеток. Австралиското биро за метеорологија применува построг критериум и бара температурата на површината на морето да биде најмалку 0,8 Целзиусови степени над просекот.

Од оваа институција неделава соопштија дека тропскиот дел на Тихиот Океан „се приближува до условите за Ел Нињо“, при што температурите во централниот дел веќе ги надминуваат нивните прагови, но засега се воздржуваат од официјална потврда.

Според нивните проценки, Ел Нињо ќе се развие подоцна во текот на годината и би можел да биде силен.

Ел Нињо се појавува на секои две до седум години и обично трае околу една година. Засега нема конечни научни докази дека климатските промени ги прават овие настани посилни или почести, но светот што постојано се загрева може значително да ги засили нивните последици.

ИНТЕРВЈУ | Кирил Арсовски Пржо, биолог и еколог: Ел Нињо може значително да влијае врз биодиверзитетот во Македонија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот