Летни тензии меѓу парнтерите - Фото: Pexels

Со подготовките за одмор започнаа и кавгите? Психологот Рамадани ни објаснува зошто овој период носи тензии меѓу партнерите

Додека пакувањето на куферите и планирањето на летниот одмор социјално се поврзува со романтика, зближување и создавање убави спомени, реалноста зад затворени врати често покажува поинаква слика. Статистиките и терапевтите за паровите потврдуваат еден парадоксален феномен, летниот период и деновите поминати на плажа се едни од најкритичните во годината кога станува збор за брачни конфликти и расправии.

Наместо очекуваната хармонија, патувањата знаат да извадат на површина потиснати тензии. Експертите објаснуваат дека на одмор доаѓа до нагла промена на динамиката на паровите кои во секојдневието се навикнати да балансираат меѓу работата, обврските и неколкуте заеднички часа навечер, одеднаш се соочуваат со премногу слободно време поминато „24/7“ заедно во затворен простор.

Финансискиот стрес околу трошоците за патување, логистичките нервози на патот и нереалните очекувања наметнати од социјалните мрежи дека одморот мора да биде совршен, дополнително ја палат искрата на недоразбирањата.

Летни тензии меѓу парнтерите – Фото: Pexels

На оваа важна тема, со цел да понуди корисни совети и да објасни зошто доаѓа до ова недоразбирање, за „Слободен печат“ зборуваше психологот Емира Рамадани, координатор за ментално здравје и психо-социјална поддршка на Црвениот крст – Скопје.

„Летниот одмор често се доживува како време на релаксација, но токму тогаш кај паровите може да се појават повеќе расправии, бидејќи се менува секојдневната рутина и се зголемува времето поминато заедно. Кога сме подалеку од обврските, останува повеќе простор за непроцесирани емоции, различни очекувања и разлики во тоа како секој го замислува ’идеалниот одмор‘“.

Зад овие конфликти најчесто не стои недостаток на љубов, туку судир на карактери и потреби кои во брзото секојдневие останале занемарени. Кога ќе се тргне „штитот“ од работните обврски, партнерите често сфаќаат дека имаат сосема различни визии за тоа како треба да се полнат батериите во лето.

Летни тензии меѓу парнтерите – Фото: Pexels

Психологот Рамадани појаснува како овие неискажани желби брзо прераснуваат во разочарување, но и како паровите можат да го заштитат својот однос:

„Често се случува партнерите да имаат различни потреби – еден сака одмор, мир и спонтаност, додека другиот сака активности, планови и искористување на секој момент. Кога овие очекувања не се изговорени навреме, лесно може да дојде до разочарување и конфликти. Затоа клучниот совет е наместо тензија, со смирен тон разговарајте за потребите и различните интереси“.

Наместо да дозволите тишината или кавгите да го расипат патувањето, клучниот совет од експертите е компромисот, отворен разговор за очекувањата уште пред да тргнете, почит кон потребата на партнерот за малку „време за себе“ и прифаќање на фактот дека не постои совршен одмор, туку само реален, човечки однос.

Грците објавија понуда за летото, цените за апартман достигнуваат до 200 евра

Интервју | Емира Рамадани, психолог: Тишината во детската соба крие длабок проблем, зависноста од онлајн игри сè повеќе расте

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот