Интервју | Емира Рамадани, психолог: Тишината во детската соба крие длабок проблем, зависноста од онлајн игри сè повеќе расте
Во време во кое технологијата е сè поприсутна во нашите животи, а дигиталната забава станува чест начин за пополнување на слободно време, сè повеќе млади посветуваат голем дел од времето на своите компјутери, телефони и разни уреди за видеоигри. Онлајн игрите, кои некогаш беа само хоби, денес кај многу тинејџери преминуваат во форма на зависност, кои можат или веќе предизвикале сериозни психолошки и социјални последици. Родителите често не ја препознаваат опасноста навреме, а образовниот систем сè уште не е активно вклучен во надминување и решавање на овој современ предизвик.
Препорачано
Во разговор за „Слободен печат“ со Емира Рамадани – координатор за ментално здравје и психо-социјална поддршка, ги дискутираме суштинските прашања на оваа проблематика за тоа колку е застапена зависноста од онлајн игри кај тинејџерите, како се манифестира, кои се нејзините последици и што можат да направат родителите, наставниците и самите млади за да се воспостави здрава рамнотежа помеѓу виртуелниот свет и реалноста.
l Дали и колку често во Вашата професија се среќавате со тинејџери што имаат проблем со зависност од онлајн игри?
– Во последните неколку години забележуваме значителен пораст на тинејџери што се соочуваат со симптоми на зависност од онлајн игри. Ова не е изненадувачки, имајќи ја предвид масовната популарност на дигиталната забава и лесниот пристап до интернет. Зависноста од игри не секогаш се манифестира драматично – понекогаш се развива постепено, преку суптилно повлекување од реалниот свет и трансфер на емоционалното задоволство исклучиво во виртуелната реалност. За жал, оваа состојба често останува незабележана од родителите или дури и се оправдува „барем е дома“, сè додека не се појават поизразени последици.
l Кои се најчестите психолошки или социјални последици што ги забележувате кај младите што поминуваат премногу време играјќи игри?
– Долготрајното играње онлајн игри може да предизвика неколку видови психолошки и социјални последици кај тинејџерите. Прво, често се среќаваат симптоми на емоционална зависност, какви што се потреба постојано да се биде во тек со играта, размислување за играта дури и кога не се игра и губење на интерес за други активности.
Од психолошка перспектива, најчесто се забележува:
• нарушување на сонот, особено ако детето игра до доцна во ноќта,
• зголемена анксиозност кога му е ускратен пристапот до играта,
• зголемена агресивност, особено ако игрите се со насилна содржина,
• општа апатија и пад на мотивацијата за учење, дружење или физичка активност,
• нарушена самодоверба, особено кога личниот идентитет почнува да се гради преку успехот во виртуелниот свет, а не преку реални постигнувања.
Во социјален контекст, многу тинејџери почнуваат да се повлекуваат од пријателства и семејни активности. За некои, онлајн игрите стануваат единствен простор каде што се чувствуваат прифатени или „вредни“, што дополнително го продлабочува нивното одвојување од реалноста. Во такви случаи, се создава затворен круг – што повеќе се повлекуваат од реалноста, толку повеќе се потпираат на игрите за емоционално задоволство.
l Кои се нормалните граници што родителите треба да им ги постават на своите деца без да создадат меѓусебен конфликт и на кој начин долгото играње може да предизвика проблем?
– Кога зборуваме за поставување граници, мора да се има на ум дека целта не е контролирање, туку водење и градење здрави навики. Родителите често прават грешка кога поставуваат крути или казнени правила без објаснување, што може да предизвика отпор или скриено однесување кај тинејџерот. Прекумерното играње може да доведе до проблеми како што се намалена академска изведба, промена на семејни односи, недостиг на саморегулација и зголемена потреба за брза стимулација – што, пак, го отежнува вниманието и трпението во реалниот живот. Токму затоа е важно родителите да не се борат против игрите, туку да создадат рамнотежа каде што игрите се само дел од една богата, разновидна и исполнета младешка реалност.
l Дали мислите дека училиштата треба да се вклучат во едукацијата на децата за безбедно користење на интернетот и онлајн игрите?
– Да, училиштата треба да имаат клучна улога во дигиталната едукација на децата и на тинејџерите. Денешната генерација расте во дигитален свет што е истовремено и фасцинантен и ризичен. За жал, често децата имаат многу повеќе техничко знаење за дигиталните уреди и апликации отколку што имаат разбирање за нивното психолошко и социјално влијание. Соработката помеѓу наставниците, психолозите и родителите е од суштинско значење. Не е доволно само да се забранува нешто – младите треба да се научат како да донесуваат одговорни одлуки во дигиталната средина. Со ваков пристап, училиштата можат да бидат моќен сојузник во изградбата на здрава дигитална култура.
Во социјален контекст, многу тинејџери почнуваат да се повлекуваат од пријателства и семејни активности. За некои, онлајн игрите стануваат единствен простор каде што се чувствуваат прифатени или „вредни“, што дополнително го продлабочува нивното одвојување од реалноста. Во такви случаи, се создава затворен круг – што повеќе се повлекуваат од реалноста, толку повеќе се потпираат на игрите за емоционално задоволство.


