Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

ФОТО | Неосновано биле исплатени 236.000 евра, нема контрола, а важни документи се чуваат во кутии — Ревизија најде куп проблеми со социјалната помош

Поради слабости во системските контроли и размената на податоци за 2024 година, ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено, стекнале, односно земале пари и за социјална помош и за пензија.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди бројни слабости и неправилности во системот за остварување, исплата и контрола на правата за социјална заштита во Македонија. Државниот буџет на повеќе пати е оштетуван, а неосновано биле исплатени 236.000 евра за социјална помош, додека истовремено процесите се бавни и важна документација во Скопје се чува по ходници и канцеларии, во картонски кутии и во регистратори.

Објавената ревизија на усогласеност е на тема „Исплата на права на парична помош од социјална заштита“, а со неа е опфатен периодот од 2022 до јуни 2025 година, но, како што велат од ДЗР, одредени прашања, настани и анализи се опфатени и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

„Анализата на правната рамка во социјалната заштита укажува на недоречености и повеќе неусогласености меѓу донесените подзаконски акти и барањата за остварување права во делот на документацијата што треба да се прибавува по службена должност, што создаваат административна недоследност и можност за различна примена во примена во пракса“, соопштија од ДЗР.

Неосновани исплати

Поради слабости во системските контроли и размената на податоци по службена должност за 2024 година, ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено стекнале, односно земале пари за социјална помош и пензија.

„За тоа неосновано се исплатени 14.536.000 денари, односно околу 236.000 евра. Од нив, 10.763.000 денари на 190 корисници по основ на гарантирана минимална помош, 426.000 денари по основ на траен надоместок на 5 корисници и 3.347.000 денари по основ на правото на социјална сигурност на старите лица кај 40 корисници“, стои во извештајот на ДЗР.

Недоволна контрола и доцнење на постапки

Оттаму посочуваат и на недоволна контрола од центрите за социјална работа, нецелосна документација, доцнење во постапките, како и неефикасно следење на враќањето на неосновано исплатените средства. Ревизорите предупредуваат дека ваквите состојби создаваат ризик од нерационално трошење на јавните средства и ја намалуваат ефикасноста на системот за социјална заштита.

„Ревизорите утврдиле дека Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) не ја спроведуваат ефикасно законската обврска за изработка и следење на индивидуални планови за активација на невработените корисници на гарантирана минимална помош (ГМП). Плановите се изработуваат во многу мал обем, најчесто рачно наместо електронски, без функционална соработка, координатори и редовни средби меѓу институциите“, забележуваат од ДЗР.

Документацијата се чува во картонски кутии и во регистратори

Воедно, ревизорите утврдиле несоодветни услови за чување и заштита на документацијата во службите за парична помош на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје.

Услови за работа и складирање на документација во ЦСР/ фото: ДЗР

„Поголем дел од службите се сместени во бараки со лоши услови за работа и несоодветни простории за прием на странки, а документацијата се чува по ходници и канцеларии, во картонски кутии и регистратори, без соодветна заштита. Оваа состојба не е во согласност со Законот за архивско работење и создава ризик од оштетување, губење или уништување на документацијата, како и недостоинствени услови за работа и прием на граѓаните“, посочуваат ревизорите.

Услови за работа и складирање на документација во ЦСР/ фото: ДЗР

Проблеми и со инспекцискиот надзор

Критики има и во делот на инспекцискиот надзор. Според ДЗР, тој кај ресорното министерство не се спроведува врз основа на целосна евиденција на проценката на ризик, не ги опфаќа сите права со редовен надзор, а намалувањето на редовните инспекции за сметка на вонредните ја намалува неговата ефикасност – за да може да се откријат и спречат неправилнолности.

„Ревизорите известуваат и за нерамномерна распределба и оптовареност со предмети на кадровските ресурси по Центрите за социјална работа, како и за покренати постапки пред надлежните органи поради незаконитости и сомнеж за неосновани исплати при остварување на правото на социјална сигурност за стари лица“, се вели во извештајот.

За надминување на слабостите, меѓу другото, Државниот завод за ревизија препорачува да се подобри законската рамка, контролите и координацијата меѓу надлежните институции.

Моментално доцни социјалната помош

Извештајот на ДЗР доаѓа во време кога повеќе денови доцни исплатата на парите за социјална и детска заштита во центрите за социјална работа.

Граѓани по социјалните мрежи коментираат дека исплатата на социјалната помош секогаш била на 5 јуни, па, сега, со доцнењето се става во незавидна положба онаа група која и онака врзува крај со крај.

Министерството за социјална политика доцнењето го аргументираа со „значајна реформа во системот на социјална заштита“, па од вчера, 10 јуни, рекоа дека исплатата веќе е започната.

Доцнењето на социјалната помош ги остави во неизвесност најзагрозените семејства

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот