Кој е Џаред Кушнер, човекот што ги крена Албанија и Србија на нозе?
Пред да влезе во политиката, Џаред Кушнер го проширува семејниот бизнис со недвижности и во 2006 година, на 25-годишна возраст, го купува весникот „Њујорк обсервер“. Подоцна станува извршен директор на „Кушнер компанис“, каде што управува со големи инвестиции во Њујорк и на други места.
Специјалниот американски пратеник со години привлекува внимание поради блиските врски со врвот на американската политика и поради неговите бизнис-зделки низ светот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во Србија, неговата инвестициска компанија беше поврзана со план за пренамена на оштетениот комплекс на поранешниот Генералштаб во Белград, симбол од НАТО-бомбардирањето во 1999 година, во луксузен комерцијален комплекс.
Проектот предизвика силен отпор во јавноста и меѓу организациите за заштита на културното наследство, а српскиот министер за култура Никола Селаковиќ и уште тројца функционери завршија на суд под обвинение дека незаконски го симнале заштитениот статус на комплексот и фалсификувале документи. По јавниот притисок, компанијата поврзана со овој пратеник се повлече од проектот.
Сега неговото име повторно е во центарот на контроверзија – овој пат во Албанија, каде што луксузни туристички проекти, поврзани со неговата компанија, предизвикаа протести поради стравувања за животната средина и недоволна транспарентност.
Но, кој е Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп?
Што е со проектот во Албанија?
Кушнер се поврзува со голем проект за недвижности во Албанија, кој предизвика протести низ земјата. Неговата инвестициска компанија „Афинити партнерс“ поддржа серија луксузни туристички проекти на јадранскиот брег, пишува „Јуроњуз“.
Предлогот, вреден околу 1,4 милијарди евра, предвидува дел од островот Сазан да се претвори во луксузно одморалиште со хотели, вили, апартмани, марина и со други содржини за богатите туристи.
Проектот наиде на отпор од еколошки организации и од локални активисти, кои предупредуваат дека може да ги загрози чувствителните екосистеми и дека нема доволно транспарентност околу улогата на инвеститорите.
Зетот на Трамп се појавува секаде
Џаред Кушнер е американски бизнисмен и советник на американскиот претседател Доналд Трамп. Најпознат е како „зетот на Трамп“, но за време на првиот претседателски мандат на Трамп, од 2017 до 2021 година, имаше и важна улога во Белата куќа, станувајќи една од највлијателните и најконтроверзни фигури во администрацијата.
Кушнер учествуваше во повеќе дипломатски иницијативи поврзани со Иран, Украина и Русија, вклучувајќи разговори чија цел била намалување на тензиите и можни мировни договори.
Во последните месеци работеше заедно со високиот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, во преговори поврзани со иранската нуклеарна програма и војната во Украина.
Во февруари 2026 година, претседателот Доналд Трамп формално го назначи Кушнер за специјален пратеник за мир, со што му даде официјална улога во меѓународните посреднички напори на администрацијата.
Кушнер го купува „Њујорк обсервер“ на 26 години
Кушнер е роден на 10 јануари 1981 година во Ливингстон, Њу Џерси, во богато семејство кое се занимава со недвижности. Неговиот татко, Чарлс Кушнер, ја основа компанијата „Кушнер компанис“, која работи со развој и инвестиции во недвижности.
Тој дипломира на Универзитетот Харвард, а потоа стекнува правна и бизнис-диплома на Универзитетот во Њујорк.
Пред да влезе во политиката, Кушнер го проширува семејниот бизнис со недвижности и во 2006 година, на 25-годишна возраст, го купува весникот „Њујорк обсервер“. Подоцна станува извршен директор на „Кушнер компанис“, каде што управува со големи инвестиции во Њујорк и на други места.
Во 2009 година влегува во брак со Иванка Трамп, ќерката на Доналд Трамп.
По победата на Трамп на претседателските избори во 2016 година, Кушнер влегува во Белата куќа како висок советник. Иако нема претходно искуство во државна функција, добива широки надлежности, меѓу кои кривично-правна реформа, трговска политика, модернизација на владата и дипломатија на Блискиот Исток.
Зетот на Трамп е во извештајот за руското мешање во изборите
Зетот на Трамп беше спомнуван и во извештајот на специјалниот обвинител Роберт Малер, кој ја истражуваше руската вмешаност во американските претседателски избори во 2016 година и можните врски меѓу кампањата на Трамп и руски претставници или посредници.
Тој беше испрашуван од истражителите и повеќепати се појавуваше во финалниот извештај поради средби со руски посредници, но никогаш не беше обвинет за кривично дело.
Едно од неговите најзначајни достигнувања во владата беше улогата во Абрахамските договори, серија спогодби со кои Израел ги нормализираше односите со неколку арапски држави, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.
Поддржувачите му припишуваат заслуги за промена на регионалната дипломатија, додека, пак, критичарите го доведуваат во прашање долгорочниот ефект од тие договори.
Неговото големо влијание и блиските семејни врски со претседателот честопати биле предмет на критики. Противниците тврдеа дека неговата улога ја замаглува границата меѓу јавната служба и семејната лојалност.
Трамп го помилува Чарлс и го назначи за амбасадор
Таткото на Џаред, Чарлс Кушнер, доби претседателско помилување од Трамп на крајот од неговата прва администрација. Чарлс претходно беше осуден за затајување данок и незаконски донации за политички кампањи во 2004 година, по што одлежа двегодишна затворска казна.
Во 2025 година, втората администрација на Трамп го назначи Чарлс Кушнер за американски амбасадор во Франција и во Монако.
По заминувањето од владата во 2021 година, Џаред Кушнер ја основа „Афинити партнерс“, приватна инвестициска компанија насочена кон вложувања во САД, Израел и во регионот на Персискиот Залив.
Компанијата привлече големо внимание откако доби значителна финансиска поддршка од Саудискиот јавен инвестициски фонд.
Кушнер и понатаму останува влијателна фигура во политиката и во меѓународниот бизнис. Иако во голема мера се држи настрана од секојдневните политички кампањи, неговата блискост со Трамп и врските на Блискиот Исток го задржуваат во центарот на глобалното внимание.
Ќе ја тужи ли Вучиќ пола Србија бидејќи зетот на Трамп се повлече?


