Канада ги забранува социјалните мрежи за деца под 16 години
Канада преку нов закон се обидува да забрани отворање профили на социјални мрежи за деца под 16 години, пренесува „Дојче веле“.
Препорачано
Владата исто така планира да ги регулира и четботовите базирани на вештачка интелигенција (ВИ).
Законот, кој вчера беше претставен во канадскиот парламент, предвидува исклучоци за компании кои ќе докажат дека нивните платформи ги исполнуваат одредени безбедносни стандарди.
Критериумите за овие исклучоци ќе бидат дополнително објавени.
„Не успеваме да ги заштитиме нашите деца. Доста е. Потребни се основни заштитни мерки“, изјави канадскиот министер за култура Марк Милер.
Што содржи новиот закон за дигитална безбедност?
Законот опфаќа забрана на седум категории на штетна онлајн содржина, меѓу кои злоупотреба на деца, самоповредување, насилство, говор на омраза, екстремизам и неовластени интимни слики.
Според владини извори, законот би можел да биде усвоен во рок од една година.
Со него се предвидува и формирање нов регулатор — Дигитална безбедносна комисија на Канада — кој ќе го спроведува законот и ќе го следи неговото почитување.
Европскиот парламент повика во цела ЕУ да се забранат социјалните мрежи за деца под 16 години
Овој регулатор ќе поставува и безбедносни стандарди за четботови со вештачка интелигенција, вклучително и мерки за заштита на децата.
Владините претставници наведуваат дека по усвојувањето на законот, за формирање на регулаторот ќе бидат потребни околу 18 месеци.
Компаниите што нема да се придржуваат кон правилата би можеле да бидат казнети со до 3 проценти од глобалниот приход или до 10 милиони канадски долари (околу 6,2 милиони евра), зависно од тоа што е повисоко.
Социјалните мрежи и ВИ-четботовите како извор на ментални проблеми
Воведувањето на законот доаѓа по одлуката на Австралија во декември, која стана првата земја во светот што забрани социјални мрежи за деца под 16 години.
Предлог-законот е поднесен и неколку недели откако семејства погодени од еден од најтешките масовни напади во Канада во февруари поднесоа тужби против „ОпенАИ“ и нејзиниот извршен директор Сем Алтман.
Тие тврдат дека компанијата знаела за наводните планови за напад, но не ги предупредила полицијата.
„Социјалните мрежи и четботовите со вештачка интелигенција се дизајнирани да го задржат вниманието. Тие не придонесуваат за здрав развој на децата и стануваат извор на анксиозност, изолација, депресија и други ментални проблеми кај многу млади Канаѓани. Овој закон ќе обезбеди побезбедна средина за младите и ќе им помогне да развијат реални социјални односи, да се фокусираат на училиште и да стекнат практични вештини“, изјави Милер.


