Трамп за новиот скок на цените: „Ја сакам инфлацијата“
Американскиот претседател Доналд Трамп реагираше на најновите податоци за инфлацијата во САД со изјава што веднаш привлече внимание. Иако цените повторно пораснаа, а годишната инфлација во мај достигна 4,2 отсто, Трамп пред новинарите во Белата куќа рече: „Ја сакам инфлацијата“, пренесе Еуроњуз.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Изјавата доаѓа во момент кога инфлацијата повторно станува едно од главните политички и економски прашања во САД. Трамп делумно беше избран и поради ветувањата дека ќе се справи со растот на цените, но најновите бројки покажуваат спротивен тренд.
Цените во последните месеци растат забрзано, во услови на американската војна во Иран. Затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Техеран силно се одрази врз глобалните пазари. Инфлацијата од 2,4 отсто во февруари, пред почетокот на конфликтот, се искачи на 3,3 отсто во март, потоа на 3,8 отсто во април, а во мај достигна 4,2 отсто.
Одговарајќи на прашање за најновите податоци, Трамп не покажа загриженост. Напротив, тврдеше дека Вашингтон продолжува тајно да пренесува нафта низ Ормускиот Теснец, еден од најважните светски премини за транспорт на нафта и гас.
„Не, не, ја сакам. Бројките беа одлични“, рече Трамп, додавајќи дека САД извлекувале „милиони барели нафта“ без знаење на Техеран.
Тој потоа продолжи со тврдење дека „пред некоја вечер“ биле изнесени 22 брода, доцна во ноќта и без светла.
„Затоа нафтата е 85 долари за барел“, рече Трамп.
Американскиот претседател исто така изјави дека бил подготвен војната да има ефект врз берзите и цената на нафтата, но нагласи дека, според него, тоа „вредело“.
„Мразам што морам да ви го кажам ова, но Иран многу скоро ќе има нуклеарно оружје. Мора да одиме и да нападнеме“, рече тој, зборувајќи за одлуката за воена акција.
Според извештајот на американското Биро за статистика на трудот, цените на енергијата во изминатите 12 месеци пораснале за 23,5 отсто, додека бензинот поскапел за 40,5 отсто.
Растот на цените се очекува да биде една од централните теми во пресрет на ноемвриските избори за Конгресот, кои ќе го одредат идниот состав на законодавниот дом.
На коментарите на Трамп реагираше и американскиот сенатор Берни Сандерс, кој на социјалните мрежи напиша:
„Знаете кој не ја сака инфлацијата, господине претседателе? Работничките семејства кои се мачат да платат бензин, храна и други основни потреби поради вашите катастрофални постапки“.
Иран мора да ја плати цената, ќе ги нападнеме силно, вели Трамп


