Фото: ТВ Стар / Фејсбук / скриншот

Пожарникари и доброволци ја изгаснаа огнената стихија кај Штип по повеќечасовна борба

Пожарникарите и доброволците успеаја да го изгаснат големиот пожарот што вчера избувна над Штип по удар од гром, соопшти утрово Дирекцијата за заштита и спасување.

Според Територијалната противпожарна единица Штип, во гаснењето биле ангажирани неколку противпожарни камиони и четири специјални теренски возила, бидејќи пожарот зафатил тешко пристапен терен со трева и грмушки, во чија близина има борови појаси, лозови и овошни насади.

Во интервенцијата учествувале 20 пожарникари од ТППЕ Штип со четири возила, 10 членови на Доброволното противпожарно друштво Штип со четири возила, како и екипи од Кочани со две возила и шест пожарникари и екипа од Свети Николе.

Дополнително, во гаснењето помогнале и 12 доброволни пожарникари со сопствени теренски возила.

Огнената стихија во текот на вечерта се гледаше од речиси целиот град, над кој се извиваа густи облаци од чад.

ВИДЕО | Драматична борба со огнот во Штип, градоначалникот бара помош од околните градови

Според првичните информации кои ги објавија локалните медиуми, пожарот избувнал по удар од гром во реонот над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма.

Поради сувата вегетација и погодните временски услови, огнот брзо се проширил кон ридовите над градските гробишта во Штип.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, на вонредна прес-конференција изјави дека нема повредени луѓе и не биле зафатени куќи.

Опожарените места биле под надзор во текот на целата ноќ, а во текот на денот надлежните ќе утврдуваат дали има материјална штета и што точно го предизвикало пожарот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот