ВИДЕО | Гром предизвика огромен пожар над Штип, со стихијата која беснее вечерва се борат десетици пожарникари
Голем пожар избувна на рид над Штип попладнево, а огнената стихија се прошири и на околните ридови обраснати со сува трева и грмушки. Огнот се гледа од речиси целиот град, над кој се извиваат густи облаци од чад. Десетици пожарникари веќе со часови жестоко се борат да го стават пожарот под контрола.
Препорачано
Според првичните информации кои ги објавија локалните медиуми, пожарот избувнал по удар од гром во реонот над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма. Поради сувата вегетација и погодните временски услови, огнот брзо се проширил кон ридовите над градските гробишта во Штип.
На терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица од Штип со сите расположливи возила и опрема, а се преземаат мерки за спречување на понатамошното ширење на пожарот.
Засега нема информации за повредени луѓе или зафатени куќи.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, најави вонредна прес-конференција на која ќе информира за текот на акцијата за гаснење на пожарот, како и за евентуалните ризици за околните населени места и мерките што ги преземаат институциите.


