Илустрација - пар гледа во мобилен телефон / Фото: Pexels

Навидум безопасна апликација за „ајфон“ е „совршен начин за изневерување“

Од класичниот изговор како „Ќе работам до доцна“ до зачувување на името на љубовникот под името „мама“ во телефонскиот именик, неверните луѓе секогаш наоѓаат начин да ги сокријат своите траги.

Сега, се појави нов трик кој е толку генијален што некои го нарекуваат „совршен начин за изневерување“, а вклучува навидум безопасна апликација на вашиот телефон.

Водителите на британскиот поткаст „Не како што планиравме“, Таш Гершфилд и Карли Харис, објаснуваат како апликацијата „Белешки“ на вашиот „ајфон“ може да се користи како тајно место за пораки.

– Ако се сомневате дека вашиот партнер ве изневерува, не мора да ги проверувате неговите „Ватсап“, „Снепчет“ или е-пошта. Треба да влезете во нивните белешки и треба да влезете во нивните споделени белешки – објаснила Таш.

Според неа, функцијата за споделени белешки на „Епл“ може да се користи за размена на пораки со друго лице, а сè да остане прилично приватно. Најзагрижувачкото нешто, вели Таш, е што „нема известувања и не останува никаква трага“.

Овој метод не го изненадува приватниот детектив Пол Еванс, кој во својата работа видел различни начини на кои неверните партнери ги кријат аферите, од пораки што исчезнуваат сами до сомнителни покани во календарот.

– Неверните луѓе по природа се склони кон измама, па затоа секогаш ќе најдат начин да ги покријат своите траги – изјавил тој за „Метро“.

Еванс објаснува дека пред неколку години, исчезнувањето на пораките на апликации како „Снепчет“ или „Фејсбук месинџер“ беше популарно, но дури и инсталирањето на такви апликации може да предизвика сомнеж кај некои.

– Користењето на апликацијата „Белешки“ е совршено за нив бидејќи нормалните луѓе како вас и мене не би помислиле да ја користат како апликација за пораки – додал тој.

Тој вели дека овој метод станал популарен бидејќи „нема очигледна трага што ја оставаат вообичаените апликации за пораки, а датумите и времето на пораките можат да се избришат без трага“. Поради ова, тврди тој, речиси е невозможно да се фати некого на дело, освен ако не стане невнимателен.

Како што спомена Таш, лицето што ја користи споделената белешка може едноставно да ги избрише доказите и да продолжи со својот двоен живот.

Сепак, Еванс истакнува дека некои луѓе користат уште пософистицирани методи.

– На пример, некој може да има сосема нормална листа за купување во апликацијата, но една ставка на таа листа може да биде код за локација, а бројот може да биде време за состанок. Секој што ќе ја погледне нема да се посомнева во ништо, но за луѓето кои знаат за што се работи, тоа е скриен разговор пред сите – објаснил тој.

Корисниците на Тикток беа шокирани по клипот од подкастот. Еден корисник напиша: „Така дознав“, додека друг додаде: „Се отклучи нов страв.“

Покрај користењето на споделен календар или лажна е-пошта сметка, Еванс вели дека најважното нешто на кое треба да се обрне внимание се промените во однесувањето.

– Ако одеднаш почнат да го кријат својот телефон, ако нивната рутина се промени или ако одеднаш почнат многу повеќе да се грижат за својот изглед, тоа би можеле да бидат црвени знамиња. Мојот совет до секој што се сомнева дека нивниот партнер изневерува е веднаш да не пребарува низ телефонот, туку да го набљудува нивното однесување, а потоа да почне да поставува директни прашања –  објаснил тој.

Тој заклучува дека ако приказните не се совпаѓаат, постои голема веројатност вашиот партнер да крие нешто. И ако забележите дека вашиот партнер одеднаш поминува невообичаено многу време во апликацијата „Белешки“, можеби е време за сериозен разговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот