„Беше Господ, а ‘хејтери’ ќе речат дека играл само мали улоги“ — уникатна приказна за Лазар Бараков
Интересна приказна за актерот Лазар Бараков е објавена на фејсбук-страницата посветена на Ѓорѓи Колозов.
Препорачано
Оваа страница ја одржува Горан Марковски, голем почитувач на делото на Колозов и на Македонските народни приказни. Освен за Колозов, тој редовно потсетува и на други наши познати актери кои ѝ се омилени на публиката.
„Некои хејтери ќе речат дека играл само ‘мали улоги’. Но, Лазар Бараков имаше редок дар и најмалите улоги да ги направи големи и незаборавни. Толкуваше епизодни ликови, но оние што добро ги познаваат ‘Македонските народни приказни’ знаат дека тој беше и големец, и Господ, и чорбаџија, и трговец, и син – секогаш харизматичен и посветен на улогата.
Без неговата појава, слободно можеме да кажеме дека приказните немаше да бидат целосни. Токму неговиот топол, препознатлив и приемчив глас буди убави спомени за едно безгрижно време, кога како деца растевме со ‘Македонските народни приказни’ и со вредностите што тие ни ги пренесуваа.
Лазар Бараков носи посебна ѕвезда, дарувана од Бога. Токму таа ѕвезда го прави да свети најсилно меѓу илјадниците други ‘филмски ѕвезди’.
Затоа што вистинската големина на актерот не се мери според големината на улогата, туку според трагата што актерот ја остава во меморијата и срцата на луѓето“, пишува во објвата.
Бараков неодамна на социјалните мрежи сподели фотографија што разбуди силна носталгија кај публиката. Бараков објави колаж од сцени и ликови од легендарните „Македонски народни приказни“, придружени со порака во која го поставува прашањето што многумина одамна си го поставуваат: зошто некогашните серии беа толку добри?
Неговиот одговор е директен – во актерите и во приказните што знаеја да допрат до гледачите.


