Ултрабогатите трошат милиони за да останат млади — некои методи звучат како научна фантастика
Најбогатите луѓе во светот одамна не трошат пари само на јахти, приватни авиони и патувања во вселената. Сè повеќе вложуваат во нешто многу поинтимно, обид да останат млади, здрави и функционални што е можно подолго.
Препорачано
За луѓето кои можат да купат речиси сè, стареењето останува еден од ретките проблеми што не може едноставно да се плати и да се реши. Затоа дел од технолошката елита се насочи кон лаборатории, биотехнолошки компании и експериментални методи што ветуваат забавување на стареењето, подмладување на клетките или продолжување на животот.
Меѓу најпознатите имиња кои се поврзуваат со оваа „трка за долговечност“ се Владимир Путин, Брајан Џонсон, Сем Алтман, Џеф Безос, Питер Тил и Брајан Армстронг. Некои вложуваат милиони во истражувања на клеточно репрограмирање и генетска терапија, додека други пробуваат строги режими на исхрана, мерење на биомаркери и третмани што звучат како научна фантастика, пишува „Индекс“.
Путин ја претвора долговечноста во државен проект
Според пишувањата на „Манивајс“ (Moneywise), рускиот претседател Владимир Путин (73) е дел од долгата низа моќници кои се обидуваат да го продолжат човечкиот живот. Но за разлика од технолошките милијардери кои инвестираат приватно, Путин ја претворил долговечноста во државен проект.
Руската иницијатива „Нови технологии за зачувување на здравјето“, започната во 2025 година, има буџет од над 26 милијарди долари и опфаќа истражувања на генетска терапија, трансплантација на органи, биопечатење на човечки ткива и одгледување органи во животни.
Руските претставници зборуваат и за развој на таканаречена „вакцина против стареење“, односно терапија која би блокирала рецептор поврзан со стареењето на клетките. Како можен рок се спомнува периодот меѓу 2028 и 2030 година, кога Русија би можела да започне производство на ваков третман.
Сепак, голем дел од овие тврдења засега немаат доволно научни докази и рецензирани студии, па делуваат повеќе како амбициозни проекти отколку докажана медицина.
Брајан Џонсон: милиони за обид да се запре стареењето
Брајан Џонсон (48), технолошки претприемач кој стекна богатство со продажбата на компанијата „Бејнтри“, стана најпознатото лице на екстремната борба против стареењето.
Преку својот проект „Блупринт“, тој наводно троши околу 2 милиони долари годишно за да го забави биолошкото стареење на телото.
Неговата рутина вклучува строго контролирана исхрана, секојдневно вежбање, голем број додатоци во исхраната, прецизно следење на спиењето и редовни медицински мерења. Храната ја консумира во раните часови од денот, избегнува алкохол и шеќер и го организира животот околу идејата дека телото може да се „оптимизира“ како систем.
View this post on Instagram
Џонсон експериментирал и со методи што предизвикаа големо внимание, меѓу кои терапија со плазма, црвена светлина, кислородна терапија и детално следење на биолошката возраст на органите.
Според „Гардијан“, еден од најконтроверзните експерименти бил користење на крвна плазма од неговиот 17-годишен син. Подоцна од овој експеримент се откажал, бидејќи не покажал очекувани резултати.
И покрај екстремните методи, многу од неговите основни препораки се едноставни: квалитетен сон, редовно движење, здрава исхрана, помалку алкохол и избегнување цигари.
View this post on Instagram
Сем Алтман и целта да се продолжи животот за 10 години
Сем Алтман (41), извршен директор на ОпенАИ, е еден од поддржувачите на биотехнолошкиот стартап „Ретро Биосајенсис“, кој има цел да го продолжи здравиот човечки живот за најмалку 10 години.
Според „ТекКранч“ (TechCrunch), Алтман ја финансирал почетната рунда со 180 милиони долари, а подоцна компанијата собра нова инвестиција од околу 1 милијарда долари.
Стартапот работи на терапии за состојби поврзани со стареењето, вклучувајќи Алцхајмерова болест и клеточно репрограмирање со помош на модели развиени со поддршка од ОпенАИ.
excited to share @OpenAI‘s latest blog post on our collaboration using gpt-4b to accelerate protein engineering, including our result where we rewrote the Yamanaka factors using our model, leading to drastic increases in reprogramming efficiency https://t.co/jYGdGabjkL
— Retro Biosciences (@RetroBio_) August 22, 2025
Џеф Безос и истражувањето на подмладување на клетките
Џеф Безос (62) најчесто се поврзува со компанијата „Алтос Лабс“, еден од најфинансираните стартапи во областа на долговечноста.
Компанијата започнала со околу 3 милијарди долари инвестиции. Меѓу инвеститорите се спомнува и самиот Безос.
„Алтос Лабс“ истражува клеточно репрограмирање, односно процес со кој клетките би можеле да се вратат во помладо и поотпорно состојба. Целта на компанијата е обновување на здравјето и виталноста на клетките.
Питер Тил и опсесијата со избегнување на смртта
Питер Тил (58), коосновач на „ПејПал“ (PayPal) и „Палантир“ (Palantir), со години се поврзува со идејата за продолжување на човечкиот живот.
Тој е меѓу инвеститорите кои помогнале истражувањата за долговечност да прераснат во сериозна индустрија. Тил финансирал организации кои истражуваат подмладување и продолжување на животниот век.
Тој исто така се поврзува со криопрезервација, односно замрзнување на телото по смрт со надеж дека идната технологија ќе може да го оживее.
„Фајненшл тајмс“ во 2025 година објави дека Тил и Реј Курцвајл се пријавени во организацијата „Алкор“ (Alcor), која нуди вакви услуги.
Брајан Армстронг и „ресетирање“ на старите клетки
Брајан Армстронг (43), основач на „Коинбејс“, е коосновач на биотехнолошкиот стартап „ЊуЛимит“.
Компанијата истражува епигенетско репрограмирање, односно обид старите клетки да се вратат во помлада функционална состојба.
Првиот фокус на компанијата е терапија за заболувања на црниот дроб поврзани со алкохол, но пошироката цел е тестирање дали стареењето на клетките може да се „ресетира“.
Доколку ова истражување успее, може да се примени и на други болести поврзани со стареењето.
ФОТО+ВИДЕО | Кои се најбогатите „непо бебиња“ и како ги стекнаа своите милиони?


