Не може кој како сака да става камери, општините мора прво да обезбедат заштита на личните податоци
Од Општина Бутел не одговараат дали поставувањето видеонадзор е во согласност со Законот за заштита на личните податоци, особено што камерите треба да се постават и на детски игралишта и со нив да се снимаат и деца.
Вандализирањето на детските игралишта и на урбаната опрема поставена низ населбите и парковите е сѐ почеста појава во Скопје, за која локалните власти досега не најдоа решение, освен постојано да трошат пари од општинските буџети за обновување на реквизитите, клупите, корпите за отпадоци.
Препорачано
Општина Бутел, не можејќи на друг начин да се справи со овој проблем, најави дека наскоро на јавните површини ќе воведе видеонадзор и дека веќе започнале со активности за поставување камери, со што очекуваат да се намалат девијантните појави.
Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта, спортските терени, но по сите напори уништувањето продолжува. Дел од терените не траат ниту два месеца, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши буквално целата урбана опрема – се пожали градоначалникот Дарко Костовски.
Според него, снимените докази потоа би се користеле во евентуална судска кривична или прекршочна постапка.
Општина Центар, пак, ваква идеја имаше уште пред две години, кога на седница на Советот беше изгласана одлука за начинот на вршење видеонадзор на јавните површини на нејзината територија. Врз основа на оваа одлука требаше да се донесат правилници во кои точно ќе се прецизира кој ќе биде овластено лице, кој ќе биде контролор и кој ќе има пристап до системот, на кои локации ќе бидат поставени камерите и сите други поединости за да не се прекрши Законот за заштита на личните податоци.
До ден-денешен оваа одлука остана само на хартија, а од Општината велат дека пречка била токму заштитата на личните податоци. Од истите причини неактивни останаа и камерите поставени на улицата Орце Николов, со кои требаше да се контролира паркирањето, кои беа купени, монтирани и после жалби од граѓани, веќе пет години фаќаат прашина по бандерите на оваа улица.
Дали истото ќе се случи со идејата на Општина Бутел, времето ќе покаже, но оттаму не одговараат дали поставувањето видеонадзор е во согласност со Законот за заштита на личните податоци, особено што со овие камери ќе се снимаат и деца.
На прашањето до Агенцијата за заштита на лични податоци дали законски е дозволено да се постават камери на јавни површини, особено на детски игралишта и дали е дозволено да се врши видеонадзор на деца, оттаму ја објаснуваат целата процедура што е неопходно да се спроведе за да се гарантира заштитата на личните податоци.
Како што посочуваат во согласност со Законот за заштита на личните податоци, кога при користење на нови технологии за некој вид на обработка, според природата, обемот, контекстот и целите на обработката, постои веројатност тоа да предизвика висок ризик за правата и слободите на физичките лица пред да биде извршена обработката, контролорот, во случајов Општина Бутел, е должен да изврши процена на влијанието на предвидените операции на обработката во однос на заштитата на личните податоци.
Таквата процена на влијанието на заштитата на личните податоци се бара особено во случај на обработка на лични податоци, ако се користи систем за видео надзор преку кој ќе се врши систематско набљудување (мониторинг) на јавно достапни простори во големи размери. Во тој контекст, контролорот пред да започне со обработка на лични податоци преку систем за видеонадзор мора да спроведе претходна процена на влијанието на заштитата на личните податоци. Процената меѓу другото треба да содржи и: процена на неопходноста и пропорционалноста на операциите на обработка во однос на целите, процена на ризиците за правата и слободите на субјектите на личните податоци (граѓаните), мерките предвидени за решавање на ризици, вклучувајќи заштитни мерки, мерки на безбедност и механизми за да се обезбеди заштитата на личните податоци и за да се демонстрира усогласеноста со овој закон, земајќи ги предвид правата и легитимните интереси на субјектите на личните податоци и други засегнати лица – велат од Агенцијата.
Врз основа на претходно спроведената процена, контролорот ќе треба да оцени дали и на кој простор би можело да се врши видео надзор односно обработка на личните податоци преку системот за вршење видеонадзор на јавни прометни површини, а според правилата предвидени во прописите за заштита на личните податоци.
Извршената процена на влијанието на заштитата на личните податоци контролорот е должен да ја изработи пред започнување на операциите за обработка на личните податоци, односно пред воспоставување на системот за вршење видеонадзор, бидејќи според одредбите од Законот за заштита на личните податоци, контролорот е одговорен за усогласеноста со прописите за заштита на личните податоци, при што е должен да ја демонстрира усогласеноста (отчетноста), објаснуваат од Агенцијата за заштита на личните податоци.
Оттаму дополнуваат дека во согласност со Законот за заштита на личните податоци, Агенцијата спроведува супервизија како независна и системска контрола на законитоста на обработката и заштитата на личните податоци. Супервизијата опфаќа спроведување редовни, вонредни и контролни супервизии, со цел да се утврди дали контролорите и обработувачите ги обработуваат личните податоци на законот на правичен начин и дали се почитуваат правата на субјектите на личните податоци.
Доколку Општина Бутел, но и сите други општини во иднина се решат за камери на јавни површини, оваа постапка мора да ја спроведат. Во спротивно, камерите ќе висат на јавни површини до првата жалба од некој граѓанин дека му се прекршени правата во однос на заштитата на личните податоци.


