ВИДЕО | Судијата на кој САД му забрани влез е дочекан како херој во Сомалија
Сомалискиот фудбалски судија Омар Артан беше пречекан како херој по враќањето во Могадишу, откако американските власти му забранија влез во САД и го спречија да биде дел од претстојното Светско првенство.
Препорачано
Артан требаше да испише историја како прв арбитар од Сомалија кој ќе суди на најголемиот фудбалски настан во светот, откако ФИФА го вклучи на конечната листа на судии за турнирот. Станува збор за еден од најценетите африкански судии, кој минатата година беше прогласен за најдобар машки арбитар на континентот.
Сепак, неговиот сон беше прекинат на аеродромот во Мајами, каде што американските служби му забранија влез поради дополнителна безбедносна проверка. Иако причините не беа јавно образложени, случајот резултираше со негово отстранување од листата на судии за Светското првенство. Од сомалиската амбасада во Кенија претходно соопштија дека Артан уредно добил американска виза неколку дена пред патувањето.
По враќањето во татковината, на меѓународниот аеродром во Могадишу го дочекаа бројни граѓани, претставници на институциите и луѓе од фудбалската заедница, кои му дадоа поддршка по неочекуваниот развој на настаните.
Обраќајќи им се на присутните, Артан порача дека нема да се откаже од својата цел и изрази убедување дека ќе добие нова шанса да ја претставува својата земја на светската сцена.
„Верувам дека ќе бидам дел од следното Светско првенство. Нашата должност е достоинствено да ја претставуваме Сомалија, без разлика на околностите. Тоа е нашата држава, нашата застава и нашиот пасош“, изјави сомалискиот судија.
Ноќта кога згаснаа соништата на Гана за мундијалско полуфинале


