Ноќта кога згаснаа соништата на Гана за мундијалско полуфинале
Некои натпревари не завршуваат по последниот свиреж, туку остануваат во меморијата како рани што не зараснуваат. За Гана, таков е натпреварот против Уругвај во четвртфиналето на Мундијалот во Јужна Африка 2010. Поради епилогот од натпреварот, секое споменување на „Сокер сити“ во Јоханесбург буди гнев и неверување кај секој Ганец.
Препорачано
ВИДЕОАНКЕТА: За која репрезентација ќе навиваат граѓаните на Мундијалот?
Само еден пенал ги делеше „црните ѕвезди“ да станат првата африканска нација што стигнала до мундијалско полуфинале, и тоа на африканско тло. Наместо тоа, натпреварот ќе остане запомнет како еден од најконтроверзните и најболните ноќи за една нација во историјата на Мундијалите.
Кога Гана се соочи со Уругвај, сите останати африкански репрезентации беа елиминирани. Ганците ја претставуваа цела Африка, а јужноафриканските навивачи навиваа за „црните ѕвезди“ како да игра нивната репрезентација.
Екипата на Милован Рајевац стигна до четвртфиналето по тежок пат, во групната фаза ја победија Србија и ремизираа со Австралија и Германија, за во осминафиналето да ги совладаат САД по продолженијата со одлучувачкиот гол на Асамоа Гјан.
„Сокер сити“ се претвори во дом на „црните ѕвезди“, се слушаше звукот на вувузелите во текот на целиот натпревар. Уругвај пристигна на крилјата на Луиз Суарез и Диего Форлан, а Гана со тим што ја носеше надежта на цела Африка.
Сули Мунтари го отвори резултатот во судиското продолжение од првото полувреме. Африка „експлодираше“, но радоста не траеше долго, во 55. минута Диего Форлан со прецизен слободен удар го совлада Ричард Кингстон и исрамни на 1-1.
Од тој момент, тензијата стана неподнослива. Но до крајот на регуларниот дел немаше повеќе голови.
Гана изгледаше поопасно во завршницата, а Кевин-Принс Боатенг беше блиску да ја затресе мрежата со удар со глава во 118. минута. Уругвај преживеа, но едвај.
И тогаш дојдоа тие трагични последни секудни.
Гана доби слободен удар во 120. минута. Џон Паинсил ја уфрли топката во шеснаесетникот, а Стивен Апија шутираше од непосредна близина. Неговиот удар беше изблокиран од Суарез на гол-линијата, па одбиената топка заврши кај Адијај кој имаше шанса да постигне сигурен гол.
Но, Суарез повторно блокираше, овојпат удирајќи ја топката со двете раце.
Судијата Олегарио Бенкеренса веднаш досуди пенал и му покажа црвен картон на Суарез за спречување очигледен гол.
Тоа беше моментот на Гана за историја. На белата точка застана Гјан, најсигурниот стрелец и изведувач на пенали. Тој веќе постигна три гола на турнирот. Гана му веруваше целосно.
Еден удар можеше да ја однесе Африка во првото полуфинале на едно Светско првенство. Суарез, на пат кон соблекувалната, застана во тунелот да гледа.
Мундијал 2026 | Група Х: Шпанија е фаворит за титулата, Биелса е најголем адут на Уругвај
Ударот на Гјан беше силен и добро изведен. Единственото што недостасуваше беше прецизност. Топката удри во пречката и излезе надвор. Камерите го фатија Суарез како лудо слави во тунелот, а срцата на Ганците се распарчија.
„Би било многу фер да победиме на тој натпревар,“ подоцна изјави Гјан за „FourFourTwo“. „За жал, не реализирав.“
Натпреварот отиде на пенали.
Гјан успеа да се опорави доволно за да го погоди првиот пенал за Гана. Но, Гана на крајот остана без пласман, промашувањата на Џон Менса и Доминик Адијај му ја донесоа победата на Уругвај.
Суарез никогаш не се извини за играњето со рака: „Вреди да добиеш црвен картон. Во тој момент немаше друг избор.“ Изјави Уругваецот.
И селекторот на Уругвај, Оскар Табарез, го бранеше својот напаѓач по натпреварот.
„Кога играше со рака, не знаеше дека Гана ќе го промаши пеналот,“ рече Табарез.
Од перспектива на Уругвај, Суарез се жртвуваше за својата земја. Од перспектива на Гана, тоа изгледаше како да им ја украде историјата.
Емоционалните последици за Гјан траеја со години. Во разговор со поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед и Англија, Рио Фердинанд, Гјан откри што прво му поминало низ глава по промашувањето.
„Ја изневерив Африка,“ му кажал на Фердинанд. „Во главата слушав гласови што ми велеа да не шутирам. Но јас бев изведувач на пенали на тимот, па морав да преземам одговорност.“
Во Гана, Суарез стана јавен непријател број 1. Но, сепак, Гјан исто така кажа дека ја разбира одлуката на Уругваецот: „Ако јас бев Суарез, би го направил истото за да ја спасам мојата земја.“
Но, ниту таа перспектива не ја ублажи болката кај Ганците, не само затоа што „црните ѕвезди“ изгубија, туку и поради тоа колку беа блиску до историја.
Од Стабиле до Мбапе: Ова е листата на најдобри стрелци на сите светски првенства
Африканските селекции имале силни настапи на Светските првенства и пред и по 2010 година. Камерун стигнал до четвртфинале во 1990 година, Сенегал во 2002, а Мароко беше првата африканска репрезентација што стигна до полуфинале во 2022 година.
Сепак, патот на Гана во Јужна Африка останува една од најемоционалните приказни во историјата на Мундијалите — родена на африканско тло и завршена на начин што ја претвори надежта во тишина. Тоа не беше само пропуштено полуфинале, туку момент што можеше да ја смени историјата на целиот континент.


