Проф. д-р Петар Поповски / фото: Фејсбук

Македонскиот научник Петар Поповски во Данска стана член на Кралската академија на науките и книжевноста

Угледниот научник од Македонија и долгогодишен професор на Универзитетот во Олборг, Петар Поповски, објави дека е примен за член на престижната Кралска данска академија на науките и книжевноста.

„Привилегиран сум што станав член на Кралската данска академија на науките и книжевноста, чијшто некогашен претседател е еден од моите херои, Нилс Бор. Би сакал да им се заблагодарам на научниците кои ја поддржаа мојата номинација и со нетрпение очекувам да придонесам за активностите на Академијата преку призмата на теоријата на комуникацијата и технологијата“, вели професор Поповски во објава на социјалните мрежи.

Поповски долги години живее и работи во Данска и тој е експерт за безжични комуникациски системи, додека неговата сопруга, Искра Дуковска-Поповска, исто така е во науката – таа е вонреден професор на Универзитетот во Олборг, во Институтот за материјали и производство, а нејзините полиња на експертиза се управување со операции, синџири на снабдување и одржлив развој, односно циркуларната економија.

Од Кралската академија наведуваат дека 30-те новопримени членови кои ќе бидат дел од напорите на Академијата за зајакнување на истражувањата во корист на општеството, ги следат стапките, меѓу другите, на Нилс Бор и Х.К. Орстед.

Петар Поповски е роден во Охрид во 1973 година. На Електротехничкиот факултет во Скопје дипломирал во 1997, a магистрирал во 2000 година. Докторирал во 2004 година на Универзитетот во Олборг на безжични комуникации. На факултетот се вработил во 2008 година како помлад асистент. Од 2001 до 2004 година бил на докторски студии на универзитетот во Олборг каде што од 2004 до 2006 година, тој работел како последокторски истражувач. Во 2006 година, тој станал доцент на универзитетот во Олборг.

Неговите истражувачки интереси се во областа на безжичните комуникации и мрежната и комуникациската/информациската теорија. Освен во Олборг, тој е и визитинг професор на Универзитетот во Бремен, Германија, главен уредник е на IEEE Journal of Selected Areas in Communications, претседател е на IEEE Communication Theory Technical Committee, комитет за базични истражувања во телекомуникациите, член е на Данскиот истражувачки совет за технологија и производство, претседател на Шведската истражувачка фондација за 6Г безжични системи. Дел е од бордот на директори на „Гејтхаус“, претпријатие за сателиски комуникации, основач на здружение на 20-ина сателитски претпријатија од Олборг кои соработуваат со неговиот универзитет.

Автор или коавтор е на повеќе од 300 научни трудови, објавени во реномирани списанија, конференции и книги. Поповски има преку 30 патенти и патентни апликации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот