Нестабилно време ја зафаќа Македонија, невреме се најавува и во соседството
Топлото и претежно сончево време нема да потрае цел ден. Македонија попладнево влегува под влијание на нестабилна воздушна маса, која на повеќе места може да донесе брза промена на времето, пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а локално и услови за невреме со град.
Препорачано
Според најавите на УХМР, температурите денеска ќе се движат од 25 до 33 степени, но метеоролозите предупредуваат дека токму во попладневните часови нестабилноста може најбрзо да се развие.
Локално се очекуваат поројни врнежи, електрични празнења и засилен ветер, а на одредени места не е исклучена и изолирана појава на невреме со град.
Нестабилно и во регионот
Промената на времето нема да ја зафати само Македонија. Предупредувања за невреме има и во повеќе земји од регионот, каде се најавуваат силни врнежи, грмежи, град и засилен ветер.
Во Србија во текот на денот на повеќе места се очекуваат поројни врнежи и грмежи, со можност за град. Најизразени процеси се најавуваат во планинските и брдовитите подрачја, а во текот на ноќта и во делови од Војводина.
Предупредувања има и во Хрватска. Тамошните метеоролози најавуваат можни силни удари на ветер, град и локални поплави. Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено оние што имаат активности на отворено или патуваат низ регионите за кои е издадено предупредување.
Од петок посвежо
Во Македонија и утре претпладне ќе се задржи сончево и топло време, со мала до умерена облачност. Но, попладне и во текот на ноќта кон петок повторно се очекува развој на нестабилна облачност.
Во петок на некои места процесите може да бидат поинтензивни. Се очекува пороен дожд над 15 литри на квадратен метар, грмежи и засилен до повремено силен северозападен ветер, кој може да достигне брзина до 60 километри на час.
Температурите в петок ќе се намалат за неколку степени. За време на викендот се очекува посвежо време, со повеќе сонце и помала локална облачност.
Внимание на отворено и во сообраќај
Краткотрајните, но интензивни временски процеси може да предизвикаат проблеми во сообраќајот, локални поплавувања, оштетувања од град и паднати гранки.
Најголема внимателност се препорачува во попладневните часови, кога нестабилноста најчесто се развива најбрзо. Граѓаните треба да избегнуваат движење на отворено за време на грмежи, да не паркираат возила под дрвја и да ги следат најновите предупредувања од надлежните служби.
ВИДЕО | Силно невреме во Охрид — Чаршијата се стори река, ветрот оштетил далновод


