Нов вирус што го пренесуваат крлежите откриен во Австрија — научниците не знаат какви би можеле да бидат последиците
Истражувачи од Медицинскиот универзитет во Виена за првпат во Австрија го открија вирусот алоншан (alongshan) што го пренесуваат крлежите. Студијата, исто така, покажува дека се чини дека патогенот се населил во средна Европа пред најмалку 20 години. Според зборовите на експертите, во моментов нема причина за паника, но потребни се понатамошни истражувања.
Препорачано
Истражувачкиот тим прегледал приближно 3.000 крлежи собрани во Австрија во 2024 година. Покрај тоа, анализирани се околу 2.000 постари примероци од архивите од 2005 до 2018 година. Исто така, проценети се приближно 2.000 примероци од крв од пациенти. Истражувањето е спроведено со употреба на молекуларно-биолошки и серолошки методи. Резултатите покажале дека вирусот alongshan (ALSV) очигледно циркулира кај домашните крлежи најмалку 20 години.
„Резултатите покажуваат широка географска распространетост во Австрија, со докази во Виена, Горна Австрија, Долна Австрија, Штаерска и Форарлберг“, рекла Џудит Аберле, професорка по вирусна имунологија во Центарот за вирусологија на Медицинскиот универзитет во Виена и раководителка на студијата.
Иако вирусот не можел да се открие во ниту еден од испитаните примероци од пациенти, високи нивоа на ALSV-специфични антитела биле пронајдени кај две лица.
„Ова покажува дека инфекциите веќе се случиле, дури и ако тие се наизглед ретки“, рекла Аберле, пишува австирски „Кронен цајтунг“.
Научниците предупредуваат дека сè уште не е познато колку се опасни европските варијанти на вирусот за луѓето. За разлика од кинескиот сој, кој е поврзан со болести, во моментов нема јасни докази дека европските соеви предизвикуваат здравствени проблеми.
Поради откривањето на вирусот алоншан во Австрија, истражувачите бараат дополнителни истражувања за да се утврди колку е распространет вирусот и дали може да претставува ризик за здравјето на луѓето. Тие исто така препорачуваат во иднина да се земе предвид ALSV при дијагностицирање на болести поврзани со каснувања од крлежи.
Вирусните болести што се пренесуваат преку крлежи се во пораст низ целиот свет и се сметаат за сè поголем ризик по здравјето. Познати патогени како што се вирусот енцефалитис што се пренесува преку крлежи и вирусот на кримско-конгоанска хеморагична треска предизвикуваат десетици илјади инфекции низ целиот свет секоја година. Во последниве години се откриени и неколку нови вируси што ги пренесуваат крлежите, вклучувајќи го и споменатиот вирус алоншан, кој првпат беше откриен во Кина во 2017 година. Докази за вирусот се пронајдени во неколку европски земји, вклучувајќи ги Германија, Финска, Франција и Швајцарија, а сега и во Австрија.
Колку долго крлежот мора да биде закачен на кожата за да се заразите?
Внимавајте на крлежите – eдноставен трик како да ги отстраните и да се заштитите од опасни болести


