Промената на рејтинзите ги менува плановите за реконструкција — Мицкоски се радува дека Вреди е пред ДУИ
Ако премиерот пресече да има мала реконструкција на владиниот кабинет, тогаш е извесно дека се планираат предвремени парламентарни избори во пролетта 2027 година. Во спротивно, ако со реконструкцијата бидат опфатени повеќе ресори, тогаш најверојатно власта ќе ги чека редовните парламентарни избори во 2028 година
Позитивниот скок на рејтингот на Вреди може да биде меѓу клучните параметри за премиерот Христијан Мицкоски да пресече дали ќе оди на голема владина реконструкција или само на „козметички“ измени на владиниот кабинет. Од обемот на реконструкцијата, како што веќе објави „Слободен печат“, ќе зависи и дали Мицкоски во пролетта 2027 година ќе оди на предвремени парламентарни избори или ќе го доврши четиригодишниот мандат.
Ако Мицкоски пресече да има мала реконструкција, тогаш е извесно дека планира предвремени парламентарни избори. Во спротивно, ако со реконструкцијата бидат опфатени повеќе ресори, тогаш ќе има редовни парламентарни избори.
Препорачано
Вреди како партија во анкетите има предност пред ДУИ, вели Мицкоски
Мицкоски на брифинг со новинарите, при презентација на последната партиска анкета, рече дека Вреди има рејтинг од околу седум проценти, но и дека се забележува скок на теренската анкета во втората половина на мај. Тој претпоставува дека е тоа поради консолидирањето на Вреди во една партија.
Премиерот оцени дека за него тоа е позитивно изненадување.
– Ќе видиме каков ќе биде трендот, но има позитивен скок и тогаш првпат забележав дека имаат предност во однос на ДУИ – ДУИ има 7,8 а Вреди 8 отсто. ЗНАМ, пак, има 2,3 отсто – рече премиерот.
Висок владин функционер за „Слободен печат“ брифира дека опцијата за предвремени избори била актуелна пред трансформацијата на Вреди во партија, бидејќи Мицкоски стравувал од можен распад на владиниот партнер. Но, откако стана партија, Вреди има скок на рејтингот. Ако тој тренд продолжи, можно е предвремените избори да не бидат опција, ако во меѓувреме нема нов поттик за изборно соочување.
Мицкоски на брифингот повтори дека не ја исклучува можноста од предвремени парламентарни избори следната пролет иако, како што вели, граѓаните на анкетите доминантно се изјаснуваат дека не сакаат предвремени избори. Тој најави и дека од јуни партијата ќе почне со анкети по изборни единици.
Прашан дали ова значи дека се можни избори во април 2027 година, премиерот рече:
– Сè е можно. Влеговме во втората половина на мандатот на оваа Влада и логично е дека се подготвуваме за избори. Сериозна партија секогаш се подготвува за избори во втора половина од мандатот. Граѓаните не сакаат предвремени избори, но кога ќе се случат, тогаш се определуваат. Не знам која би била причината за предвремени избори. Ние одиме на редовни, но ако се случи некаков тригер… – рече Мицкоски.
Можна е рокада на министерства
Мицкоски повтори дека во втората половина на месецов ќе седне со владините партнери за да разговараат за владина реконструкција. Тој не сакаше да го открие обемот на реконструкцијата, но рече дека има неколку ресори за кои ќе треба да разговараат и дека е можна рокада на министерства.
Се очекува испитувањата на јавното мислење да играат улога при реконструкцијата, односно при евентуалната размена на ресори меѓу владините партнери. Според висок владин функционер, ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира да го преземе здравство од Вреди, а за возврат ќе го понуди Министерството за култура. За министер за здравство ВМРО-ДПМНЕ го токми директорот на ГОБ „8 септември“ Синиша Стојаноски. Вреди, пак, за возврат ќе го бара ресорот образование, и во таков случај Министерството за култура можно е да му биде понудено на ЗНАМ, а ВМРО-ДПМНЕ да го земе ресорот правда. За министерот за правда Игор Филков одамна се шпекулира дека ќе биде сменет, иако од ЗНАМ велат дека се задоволни од работата на двајцата свои министри во Владата и дека не се за опцијата ротација на ресори. Според функционерот што нè брифираше, со оглед на рејтингот што го има, ЗНАМ би требало да се задоволи со ресорот култура за кој се споменува пратеникот Бобан Карапејовски, а извесна е смената и на Борко Ристовски во ресорот спорт.
Неофицијално, во ВМРО-ДПМНЕ постои незадоволство од работата на вицепремиерот Иван Стоилковиќ. Нема да биде изненадување ако Мицкоски реши да го задржи во Влада министерот за социјална политика Фатмир Лимани, тогаш Лимани да седне во фотелјата на Стоилковиќ.
Кај Вреди, извесна е смената на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, како и споменатиот Лимани. Можна е ротација на министерот за здравство, Азир Алиу, кој би требало да седне во вицепремиерската фотелја за добро владеење. Според комбинациите на Вреди, пак, во игра е ротација на вицепремиерот Беким Сали со министерот за здравство Алиу. Во таков случај, Сали ќе остане прв вицепремиер, но наместо во ресорот европски прашања, понудата ќе биде тој да раководи со Министерството за здравство. Во таков случај, актуелниот министер за здравство Алиу би ротирал во ресорот вицепремиер за добро владеење на местото на Фетаи.


