Јсп/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Скопјани бараат нормални услови за превоз: Мајсторе, пушти клима — испоцркавме!

На прашањето до ЈСП „Скопје“ зошто нема клими во автобусите, дали се расипани или се штеди гориво, оттаму велат дека не станува збор за заштеда на гориво, туку за различна техничка состојба на возниот парк.

Иако температурата во изминатиот период се искачи над 30 степени Целзиусови, скопјани и понатаму се превезуваат во неклиматизирани автобуси. И не само што се навистина ретки возилата во кои возачите ја вклучуваат климата за да им овозможат колку-толку понормални услови за превоз на граѓаните, туку и во другите автобуси „пеколот“ не може да се намали ниту со проветрување, затоа што поголемиот број од нив имаат само мали прозорчиња на „кипање“.

Од малите отвори воздухот не можат да го почувствуваат ниту луѓето што се во непосредна близина, а не пак да се проветри целиот автобус.

Па, затоа, секој што користи јавен градски превоз е сведок на секојдневното понижување на патниците во возилата и на крајно нехуманите услови за превоз. Автобусите се нечисти, седиштата внатре дотраени, а патниците, откако на жешкото време ќе се изначекаат автобус на постојките, испотени и истормозени бараат спас во разладување со ладала што ги носат со себе во автобусите.

Оваа состојба се повторува со години наназад, а надлежните само ветуваат нови автобуси, кои поради неуспешните тендери неизвесно е кога ќе стигнат во главниот град, без да се потрудат да воведат некаков ред во возилата со кои располагаат.

Граѓаните велат дека состојбата е неиздржлива и дека ретко кој од автобусите на ЈСП „Скопје“ има клима, а ниту еден од приватните.

 Живеам во Волково и секој ден патувам со автобус на линија 22, која најмногу ја опслужуваат приватни превозници. На одење на работа е полесно, ама на враќање е ужасно. Не ја пуштаат климата, дел од прозорчињата не можат да се отворат и да се проветрат. Ова не е јавен превоз, ова е невидена катастрофа. Јас не знам како воопшто не им е срам на ова топло време да пуштат во промет автобуси што се неклиматизирани. Прави ли некои контрола на приватните автобуси кога прават договори со нив? Плаќаме за превоз и што добиваме за возврат? Секојдневно малтретирање – вели жител на Волково, со кого поразговаравме на автобуска постојка.

Деновиве, поточно во вторникот околу 16 часот, бевме сведоци кога во приватна 22-ка, дел од патниците почнаа да му довикуваат на возачот да пушти клима, затоа што во возилото беше неиздржливо топло.

Сакате клима, е па нема! Знаете колку луѓе не плаќаат во автобус и се „шверцуваат“? – одговори дрско шоферот, по што почна расправија со дел од патниците, кои му препорачуваа да си најдат начин за тие што се возат без билети, ама дека не може да се казнуваат со невозможни услови за превоз сите патници.

Возач на приватна „63-ка“ не го знаел патот до Мралино, па ги оставил патниците на пола пат и се вратил назад во Скопје

На прашањето до ЈСП „Скопје“ зошто нема клими во автобусите, дали се расипани или се штеди гориво, оттаму велат дека не станува збор за заштеда на гориво, туку за различна техничка состојба на возниот парк. Како што објаснуваат, во оние возила каде што има можност, се пуштаат клима-уредите, додека во некои се неисправни.

 Клима-уредите во автобусите се пуштаат според техничките можности на секое возило. Во практика, голем дел од автобусите имаат целосно функционални системи за ладење, додека кај одреден број возила се евидентирани технички неисправности, кои се предмет на тековно сервисирање и отстранување – велат од ЈСП за „Слободен печат“.

Од претпријатието додаваат дека службите континуирано работат на одржување и подобрување на условите за патниците, особено во периоди на високи температури.

Паралелно со тековните мерки, се работи на постепено подобрување на услугите, а се очекува и пристигнување на нови автобуси што ќе придонесат за поголема ефикасност – додаваат од ЈСП.

Не 80, туку 100 автобуси ќе добие Скопје, само уште да се знае кога

Но пристигнувањето на новите автобуси што треба да ги купи Владата е неизвесно кога ќе се случи затоа што досега пропаднаа веќе два објавени тендери. На првиот се јави само една фирма, а Комисијата надлежна за спроведување на јавната набавка утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите во согласност со објавениот јавен повик.

На вториот беше избрана унгарска компанија, но изборот пропадна откако Државната комисија по жалби за јавни набавки по службена должност донесе решение за поништување на јавната набавка на електрични автобуси и електрични полначи.

Веднаш потоа беше распишан нов тендер, кој трае до крајот на јуни. Потоа ќе се знае дали третиот пат ќе биде среќен, па јавниот оглас да заврши успешно. Доколку тоа се случи, конечно ќе можеме да се надеваме на 100 нови електрични автобуси во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот