Бед Бани се сретна со папата Лав во Мадрид, но „требаше да направат повеќе фотографии“
Порториканската музичка ѕвезда Бед Бани имал кратка приватна средба со папата Лав XIV во понеделникот вечерта на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, соопшти Ватикан, а пренесе „Ројтерс“.
Препорачано
Според официјалното соопштение, папата се сретнал со регетон сензацијата, членовите на неговото семејство и дел од неговата придружба. Лав XIV накратко ги поздравил присутните пред да го напушти стадионот, но од Ватикан посочија дека не се очекува да бидат објавени фотографии од средбата.
Интересно е што средбата се случува кога Бед Бани е актуелен со својот албум „Debí Tirar Más Fotos“ („Требаше да направам повеќе фотографии“), па многумина на социјалните мрежи веќе се пошегуваа дека токму од оваа средба „требало да се направат повеќе фотографии“.
Заштитно лице на „Келвин Клајн“, Греми и Супербоул
Бед Бани, чие вистинско име е Бенито Антонио Мартинез Окасио, е еден од најголемите светски музички феномени во моментов. Во март 2025 година стана глобален амбасадор на „Келвин Клајн“, а неговата рекламна кампања предизвика огромен интерес на социјалните мрежи.
Неговиот албум „Debí Tirar Más Fotos“ годинава испиша историја, станувајќи првиот целосно шпански албум што ја освоил престижната награда Греми за Албум на годината.
Само неколку дена подоцна, Бед Бани стана и првиот латино соло-изведувач кој го предводел шоуто на полувремето на Супербоул, настап што го следеле повеќе од 128 милиони гледачи ширум светот.

Кој е папата Лав XIV?
Папата Лав XIV беше избран за поглавар на Католичката црква на 8 мај 2025 година. Роден во Чикаго како Роберт Френсис Превост, тој е првиот папа роден во Соединетите Американски Држави и првиот припадник на августинскиот ред кој застанал на чело на Римокатоличката црква.
Пред изборот за папа, Превост беше кардинал и префект на Дикастеријата за бискупи во Ватикан, а голем дел од својата свештеничка служба ја минал во Перу, каде работел како мисионер и подоцна како бискуп.
Интересно е што папата Лав XIV и Бед Бани имаат уште една заедничка точка – и двајцата во различни периоди јавно се нашле на удар на американскиот претседател Доналд Трамп.
Бед Бани беше гласен критичар на строгите антиимиграциски политики на Трамп и јавно ја поддржа кандидатката на демократите Камала Харис на претседателските избори во 2024 година. Од друга страна, папата Лав XIV во неколку наврати повика на помирлив пристап кон мигрантите и се спротивстави на националистичката реторика, што предизвика реакции од Трамп и неговите поддржувачи.


