Причина за среќа по сите лични загуби за Ана Костадиновска — ќерката Марта е полуматурантка
По сите тажни случувања кои ги преживеа изминативе години, пејачката и професорка по пеење Ана Костадиновска се пофали со убава вест.
Препорачано
Таа сподели фотографии од својата ќерка Марта, која вчера слави полуматура. Гордата мајка покрај преубавата Марта напиша: „Нашата медена полуматурантка“.
На сликите, Марта е со својата мајка, баба и тетка, двете ќерки на легендарниот композитор Кире Костов и неговата сопруга, Кармен Костова.
Оваа семејна радост доаѓа по исклучително тежок и трагичен период за Ана Костадиновска, која во изминатите години беше погодена од неколку огромни лични загуби.
Во февруари во 2022 година почина нејзиниот сопруг Бобан, по само неколку месеци тешко боледување. Нешто повеќе од една година потоа, во јули во 2023 година таа го загуби татка си, легендарниот композитор Кире Костов, кој почина на 75 години. На 16 март лани, Ана остана без својата втора сестра, професорката по пијано Сара Пројковска, со која долги години ја делеа сцената како придружни вокали, а приватно беа како семејство. Свое второ семејство, Ана секогаш ги нарекува членовите на групата „ДНК“, кои загинаа во трагичниот пожар во Кочани. Владимир Блажев-Панчо, кој таа го нарекуваше „братче“, почина на 14 октомври лани, по седуммесечно лекување во болница. Тешко беше враќањето на сцената за Костадиновска, а еден од најемотивните концерти за неа беше токму оној, посветен на нејзиниот татко Кире Костов, „Летај галебе“, кој се одржа на 11 ноември во Скопје.
„Вистина е дека загубив многу за мене значајни личности во релативно кус временски период. Но, сакам да верувам дека сум била почестена и привилегирана, макар накратко да ги имам покрај себе. Да, знам што е вистинска љубов, прекрасен родител и сестринско другарство. Свесна сум колку е значајно, но и убаво да искусиш токму ваква убавина. Ова се зборовите што често ѝ ги кажувам на мојата ќерка, сакајќи да ја научам да не се задоволува со ништо помалку во иднина“, рече Костадиновска во интервју за „Слободен печат“.
Таа е професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ по предметот џез и популарна музика.
ФОТО+ВИДЕО | Перо Антиќ го испрати синот на Панчо на полуматура: „Среќна матура лепотану“


