Фото: Фејсбук/Вики Чадиковска

Револтирана од лошите коментари, новинарката Вики Чадиковска раскажа важна приказна за Панчо и за Перо Антиќ

Новинарката Вики Чадиковска откри приказна за Перо Антиќ и за Владимир Блажев – Панчо од „ДНК“ која е помалку позната во јавноста.

Откако вчера, легендарниот кошаркар и претседател на Кошаркарската федерација на Македонија го испрати на полуматура Андреја, постариот син на Панчо кој почина на 14 октомври лани, приказна за Антиќ и за Панчо сподели Вики Чадиковска.

„Син ми е роден во јули, на истиот ден како Панчо и Перо Антиќ. Пред неколку години, бидејќи беше голем обожавател на ДНК, ги замолив да му приредат мало роденденско изненадување. Панчо и Андреј без ниеден момент двоумење, прифатија. Такви беа тие, едноставни и прекрасни луѓе, секогаш подготвени да измамат насмевка и да направат некого среќен.

Истото човештво и големина деновиве ги покажа и Перо, со поддршката што му ја даде на синот на Панчо за полуматура.

Ова го пишувам искрено револтирана од коментарите на луѓе кои, наместо да препознаат добрина и човечност, избираат да шират омраза и навреди дури и под објави што носат искрена поддршка и љубов.

Понекогаш навистина нема потреба да се коментира. Особено ако вашиот коментар е злобен. Понекогаш е доволно да се покаже малку почит, емпатија и само малку човечност.

Наместо хејт, пробајте да направите добро дело. За промена. На сите ни недостига повеќе добрина, а токму таа е енергијата што ѝ е најпотребна на оваа наша напатена Македонија.

За Перо голем аплауз, за синот на Панчо честитки за полуматура и многу љубов“, сподели Чадиковска.


Перо Антиќ е роден на 29 јули во 1982 година, а Панчо на истиот ден во 1979.

Антиќ и Панчо беа долгогодишни и многу блиски пријатели. Затоа, неговото присуство на полуматурата на синот на музичарот има посебна симболика.

Панчо беше татко на два сина, Андреја и Марјан, за кои секогаш зборуваше со многу љубов и гордост. За нив сега посветено се грижи неговата сопруга Маја.

Во едно интервју од 2023 година тој откри дека неговите деца се скромни, дружељубиви и воспитани, додавајќи дека постариот син Андреја сака спорт и тренира фудбал.

По вчерашната полуматура на Андреја и негативните коментари, и Перо Антиќ се огласи на Инстаграм и сподели мудра мисла.

„Бидејќи сè што е винтиџ повторно е во мода, можеме ли да ги вратиме и лојалноста, манирите, почитта и благодарноста?“, напиша Антиќ.

ФОТО+ВИДЕО | Перо Антиќ го испрати синот на Панчо на полуматура: „Среќна матура лепотану“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот