Прес Слаткар - Фото: „Слободен Печат“

ФОТО | Слаткар распали на прес-конференција: Истурените кофи со го*на врз мене ќе влезат во филмот – звучи чудно, но фала им

По повод претстојниот голем солистички концерт на Марко Маринковиќ – Слаткаристика, кој ќе се одржи на 2-ри август (Илинден) во Охрид на стадионот „Билјанини Извори“, денес се одржа голема и исклучително динамична прес-конференција. На иста маса се собраа предводниците на домашната поп-рап сцена, а настанот послужи како моќна демонстрација на сплотеност, каде покрај деталите за илинденскиот спектакл под мотото „20 години во игра“, премиерно беше промовиран нов видеоспот, а се зборуваше и за новите филмски проекти кои ја брануваат јавноста.

Прес-конференцијата, која помина во пријателска и на моменти многу емотивна атмосфера, ја отвори темата за тоа колку е важно македонските артисти конечно да се здружат и да си бидат поддршка едни на други, со цел домашната музика да го добие третманот што го заслужува.

Прес Слаткар – Фото: „Слободен Печат“

Нов спот за сите генерации „од 7 до 77“

Еден од главните поводи за денешниот собир беше и официјалната промоција на најновиот заеднички видеоспот на Слаткар и Зи Бомб, насловен „Верувај“, а песната ќе биде дел од филмот кој се подготвува. Како што истакнаа артистите на пресот, станува збор за убава, искрена песна која е лесно прифатлива за широката публика, односно за генерациите од „7 до 77 години“.

Младите момци, кои со гордост истакнаа дека соработуваат со своите идоли, упатија јавна благодарност до целата екипа што работела на видеото и на продукцијата, но и посебна благодарност до Слаткаристика кој им дал шанса да бидат дел од оваа приказна.

„Ќе рапуваме на 2-ри август, ве чекаме таму. Драго ми е што делам маса со вакви луѓе кои се криви зошто воопшто има музика во Македонија“, се слушна на пресот.

„Кофите со измет ни го решија филмот“

Големо внимание привлече и изјавата на Слаткар околу неговиот претстоен документарен филм, кој во моментов е снимен речиси до половина и се очекува да излезе при крајот на годинава. На прашањето за медиумскиот притисок и финансиска поддршката од која артистот се откажа, а ја доби од Агенцијата за филм, Слаткаристика одговори со својот препознатлив, директен стил:

„Целото тоа преистурување на кофи со … ја ќе кажам – го*на … Можеби делува онака лошо од страна, ама ни го реши филмот. Сето тоа ќе влезе во филмот и некако, знаеш како викаат: ’Секое лошо е за добро‘, така да … Можеби ќе звучи чудно, али фала им“.

Тој нагласи дека во моментов фокусот е ставен на илинденскиот концерт во Охрид, додека во септември ќе се одржи сосема нова прес-конференција на која медиумите ќе можат детално да навлезат во самата филмска приказна. Покрај играниот филм, беше најавен и личниот документарец насловен „Слушни ме“, кој ќе зборува за пречките во говорот, борбата со самодовербата и трансформацијата од ранливост во сила.

Прес Слаткар – Фото: „Слободен Печат“

Поддршка од пријателите – Дупер, Тони Зен и Два Бона со порака за сплотеност

На пресот зборуваа и членовите на поп-дуото Дупер (кои најавија и свој голем концерт на 27-ми ноември во „Борис Трајковски“) како и Стефан од „Некст тајм“, потенцирајќи дека тие не се само гости, туку пред сè пријатели и другари на Марко.

„Голема чест ми е што некој што сум го гледал на телевизија, сум чувал МП3-ки во телефон, по инфраред од тоа време сме ги праќале, денес не само што делиме маса, него правиме песни, настапуваме заедно. Многу ми се допаѓа што Слаткаристика е еден од ретките легенди во македонската музика што уште е во тек со времето и што поддржува нови, млади артисти“, истакна Борис од „Дупер“.

Прес Слаткар – Фото: „Слободен Печат“/Елеонора Антиќ

„Јас мислам дека сме повеќе од гости, ние сме пријатели и другари. Ова е концерт за пријателите на Марко. Му честитам за овој подвиг. Очекуваме сите што се чувствуваат како Македонци и што ја сакаат македонската музика, на тој ден да бидат на истиот концерт“, се надоврза Стефан од „Некст Тајм“.

Прес Слаткар – Фото: „Слободен Печат“/Елеонора Антиќ

Тони Зен се осврна на револуцијата што се прави во моментов заедно со „Прагма продукција“, потенцирајќи дека 2026 е исклучителна година за македонската музика. Во слична насока беше и излагањето на Марко од Два Бона, кој истакна дека со концертите на Тони Зен и Слаткаристика се пополнила огромната празнина која постоела со години и се создаде „хајп“ кој ги охрабри сите македонски артисти да почнат да полнат големи сали.

„Долги години сме делеле искуства, приказни. Драго ми е што сме си поддршка едни со други и, навистина, морам да честитам бидејќи … секогаш сме биле тука за македонска музика, тука нема исклучоци. Морам да признаам дека неверојатна револуција правите со ’Прагма продукција‘“, заврши Тони.

Со овој прес артистите покажаа дека кога се заедно, македонската музика е најсилна. Сè е подготвено за 2-ри август во Охрид, па нè чека незаборавно лето со вистински музички спектакл.

Сања Николиќ со силна поддршка за Слаткар: Приказната зад камерите е поинаква

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот