ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Министерот Стефан Андоновски: „Везилка“ ќе биде македонскиот Четџипити
Ние од Скопје ќе се поврземе со антена со центарот за ВИ во Грција и тука во Македонија ќе произведеме голем јазичен модел на македонски јазик, кој потоа ќе го користиме како јазичен модел и како алатка со ВИ базирана на тој модел во различни области, вели министерот Андоновски за „Слободен печат“.
Македонија наскоро ќе го добие својот сопствен Четџипити! Според зборовите на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, за десетина дена официјално стартува проектот „Везилка“ – центар за вештачка интелигенција (ВИ), кој со антена е поврзан со фабрика – дата центар за ВИ во Грција. Тоа значи инфраструктурата е веќе изградена во соседната држава, во Фарос, инаку инвестиција на ЕУ наменета за т.н. ХП-центри (High computing centers) и кои се дата центри за ВИ.
Препорачано
– Ние од Скопје ќе се поврземе со антена со тој центар и тука во Македонија ќе произведеме голем јазичен модел на македонски јазик, кој потоа ќе го користиме како јазичен модел и како алатка со ВИ базирана на тој модел во различни области. Тука ќе произведуваат алатки базирани на ВИ за државната администрација, за бизнисот, за културата, земјоделието и енергетиката, но и здравството и секој друг што не е ставен во пакетот стратешки приоритети ќе може да побара од центарот и за нив да се развиваат алатки – вели Андоновски во интервју за „Слободен печат“.
Според министерот, досегашните модели што ги имаме се базирани на странски големи јазични модели и затоа во практика, кога ќе отчукате нешто, може да има и грешки во јазикот, во граматиката, во синтаксата. Затоа често се мешаат зборови на српски јазик или на бугарски, па дури и на грчки, а потоа се преведува на македонски.
Зошто е тоа така?
– Тоа е затоа што немаме голем јазичен модел на македонски јазик. Ние немаме дигитализирано јазичен корпус, книги, литература на македонски јазик која тој модел ќе ја користи за да се храни – појаснува Андоновски и додава:
– Првиот елемент на проектот „Везилка“ е дигитализација на македонскиот јазичен корпус. ФИНКИ веќе работи со националната библиотека, со МАНУ и со факултетите, а ќе отвориме и кампања за секој од нас кој има дома литература во електронска форма како трудови или текстови, да може да ги закачи на таа платформа за тој јазичен модел да може да се нахрани со доволно податоци за да може да го генерира.
На прашањето дали тоа ќе биде македонски Четџипити, Андоновски кратко одговори: „Ако треба да го симплифицираме – да!“
„Везилка“ ќе биде наменета за широката популација, а ќе дозволи поврзување и на оние постојните како Четџипити, Џемини или Грок, за да можат да се поврзат на македонскиот јазичен корпус и да влечат граматика од нашиот македонски јазичен корпус.
Инаку, ФИНКИ е носител на проектот што првично беше стартуван со 5 милиони евра од ЕУ, но сега е зголемен на околу 6,5 милиони евра од кои 1,5 милиони е инвестиција на државата, околу еден милион се на ФИНКИ и на Електрофакултетот.


