ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Арсовски: Карциномот на тироидната жлезда се лекува целосно ако се открие навреме
Светските статистики велат дека заболувањата на тироидната жлезда се меѓу најчестите ендокрини заболувања во светот. Милиони луѓе живеат со хипотироидизам, хипертироидизам, јазли на штитната жлезда, но и карциноми. За тироидните заболувања, нивната рана дијагноза и современите методи на лекување, во емисијата „Медицинско катче“ зборуваме со доктор Андреја Арсовски, хирург од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Препорачано
Доктор Арсовски истакнува дека, иако тироидните заболувања не се меѓу најретките дијагнози, секој поединечен случај бара сериозен пристап.
-Со оглед на големината на нашата популација, бројките не се толку алармантни, но секој поединечен случај може да има сериозни здравствени последици ако не се открие навреме – вели тој.
Според него, се забележува зголемување на бројот на случаи на карцином на тироидната жлезда, што делумно се поврзува со современиот начин на живот и изложеноста на различни видови зрачење.
-Генерално карциномот е во пораст. Влијание имаат и различни видови зрачења, кои придонесуваат за зголемена инциденца – објаснува Арсовски.
За навремена и брза дијагноза од неодамна во „Аџибадем Систина“ е отворен Центар за тироидна жлезда, кој функционира мултидисциплинарно.
-Целта е пациентот да добие комплетна услуга во еден ден – од преглед, лабораторија, ехо, па сè до консултација и план за третман – вели докторот.
Во центарот се вклучени специјалисти од ендокринологија, хирургија, нуклеарна медицина, радиологија и патохистологија. Арсовски нагласува дека најчестите форми на карцином на тироидната жлезда, како папиларниот и фоликуларниот, имаат исклучително добра прогноза ако се откријат навреме.
-Кога заболувањето се дијагностицира навреме, процентот на излекување е до 98%. Тоа не е само продолжување на животот, туку комплетно излекување – истакнува тој.
Според докторот, отстранувањето на тироидната жлезда не значи крај на нормалниот живот.
-Со една таблета дневно се заменува хормоналната функција. Пациентите живеат нормално, работат, имаат деца и целосно функционален живот – вели Арсовски.
Тој објаснува дека денешната хирургија значително се разликува од минатото, благодарение на технологијата.
-Користиме лигашур системи и невромониторинг, кои ни помагаат да ги заштитиме нервите и да ја направиме операцијата побезбедна и попрецизна- додава тој.

Како најчести постоперативни компликации се наведуваат привремено нарушување на гласот и пад на калциумот.
-Во најголем број случаи тие се привремени и се повлекуваат. Трајни компликации се многу ретки кога операцијата ја изведува искусен тим – нагласува докторот.
На крајот од интервјуто, доктор Арсовски упатува апел за редовни прегледи.
-Тироидната жлезда треба да биде дел од систематските прегледи. Раната дијагноза значи едноставно и успешно лекување – порачува тој.
Интервјуто завршува со порака дека современата медицина овозможува висок процент на излекување, но клучот останува навремената контрола и превенцијата.


