Насилниците што наплаќаат кај „Куклица“ воделе проекти со ЕУ и со Министерството за животна средина — ќерката била кандидатка на Бачев
Здружението „Извор“ од Кратово, како и татко и ќерка од овој град, кои според општината го узурпираат заштитеното подрачје „Куклица“, и незаконски наплаќале влез на посетители, со години имале поврзаност со овој споменик на природата, а во еден период и преку проект поддржан и од Европската Унија, објави „Фокус“.
Препорачано
Преку Здружението „Извор“ од Кратово, застапувано од М. Д., како што може да се види од нивната фејсбук-страница, во 2019 година се имплементирал проектот „Одржливо управување, заштита и промоција на Споменикот на природата – Куклица“, кој, пак, се реализирал во рамки на друг проект финансиран од Европската Унија, а го спровеле УНДП во соработка со Министерството за животна средина (МЖСПП).
Во 2021 година на Фејсбук се пофалиле и дека го спровеле и проектот „Мониторинг на природно наследство на споменик на природата Куклица“. И тој се реализирал во Програмата за инвестирање во животната средина за 2021 година при МЖСПП.
Воедно, „Фокус“ пишува дека ова Здружение, според податоците од Централниот регистер, пријавило финансиски извештај за две години, односно за 2021 и 2022 година. Иако „Извор“ се води како активно, сепак нема податоци за изминатите три години.
Па така, во 2021 година пријавиле приход од 9.000 евра, но речиси и идентичен расход, поради што добивката им била само 1.000 денари. Наредната 2022 година ситуацијата била речиси идентична. Пријавен е приход од 7.500 евра, а исто толку и расход, со добивка од 1.000 денари.
Откако „Слободен печат“ објави сведоштва од граѓани и посетители дека маж и жена им барале пари за влез на локалитетот, им се заканувале дека ќе им пуштат кучиња и гаѓале со камења, со свој став вчера се јави Општина Кратово. Оттаму рекоа дека со години се спречени да управуваат со локалитетот, наведувајќи дека просторот е бесправно узурпиран и држен во владение од „Извор“, од одговорното лице Милош Димитровски, како и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх.
Општина Кратово за насилниците кои наплаќаат карти за Куклица: И нас не нè пуштаат да пријдеме
Стојна Димитровска Боотх била носителка на Советничка листа на „Единствена Македонија“
На последните локални избори, Стојна Димитровска Боотх беше носителка на Советничката листа на партијата „Единствена Македонија“ за Општина Кратово.
Тоа може да се потврди преку објавата во која лидерот на партијата, Јанко Бачев, ја промовираше нејзината кандидатурата.
„Кратово заслужува нов лик. На Кратово му требаат некои други од тие едни исти што 35 години ги гледате. На Кратово му треба чесно, одговорно и транспарентно работење. Стојна е една од вас, има мисија да биде глас на граѓаните, за општина во која секој ќе се чувствува слушнат и почитуван, за Кратово сакано од кратовчани и почитувано од сите други“, вели тој во објавата.


