Општина Кратово за насилниците кои наплаќаат карти за Куклица: И нас не нè пуштаат да пријдеме
Општина Кратово попладнево соопшти дека со години е спречена да управува со локалитетот Куклица, кој е прогласен за споменик на природата, наведувајќи дека просторот е бесправно узурпиран и оти незаконски се наплаќа влез од туристите кои доаѓаат да го посетат.
Препорачано
Ова доаѓа откако „Слободен печат“ објави сведоштва од граѓани и посетители дека маж и жена им барале пари за влез на локалитетот, им се заканувале дека ќе им пуштат кучиња и гаѓале со камења туристи, не дозволувајќи им да пристапат до местото.
Од Општина Кратово, во објава на социјалните мрежи, сега велат дека и нејзините вработени се во слична позиција и не можат да пристапат до Куклица, а проблемот им бил одамна познат. Општината објави и пресуда од кратовскиот суд во нејзина полза од март годинава.
„Подолг временски период локалитетот е бесправно и неосновано узурпиран и држан во владение од страна на Здружение „Извор“ – Кратово, одговорното лице Милош Димитровски, како и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх. Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување на права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи. Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња“, велат од општината.
Пресудата е обжалена и се наоѓа на второстепена судска инстанца, а од општината очекуваат таа да стане правосилна и потоа таа „брзо и ефикасно да се спроведе преку овластен извршител и со поддршка на надлежните државни органи, вклучително и Министерството за внатрешни работи.“
ФОТО | Насилничка наплаќа влез кај Камените Кукли, им се заканува на туристи и ги гаѓа со камења


