Фото: илустрација / архива

Во пештерата Врело се наплаќа влез на диво, обвинува туристка: Возат по 20 луѓе во чамец без појаси за спасување

„Барам итна проверка на законитоста на работењето и туристичките активности во пештерата Врело – Кањон Матка“, пишува Марија Бундалевска, Македонка која повеќе од десет години живее и работи во Сингапур, во пријава до надлежните институции. Таа тврди дека на Матка не се издаваат фискални сметки, како и дека дел од туристите се превезуваат со чамец без појаси за спасување, пишува „МКД.мк“.

„На 5 јули бев во посета на Кањонот Матка и неосновано бев спречена во пристапот до пештерата Врело. Откако побарав официјална фискална сметка за наплатениот влез, истата ми беше одбиена, по што од страна на лицата кои стопанисуваат со локацијата дојде до физички контакт и беа упатени закани кон мене. Како граѓанин очекувам надлежните институции итно и без одложување да преземат соодветни мерки, со цел да се обезбеди законитост, безбедност и ред на една од најзначајните природни и туристички атракции во нашата земја“, вели Бундалевска.

Таа писмената претставка за начинот на работење на туристичките места на Матка ги поднесе до Основното јавно обвинителство – Скопје, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје, Државниот инспекторат за животна средина, Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси, Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Министерството за труд и социјална политика и до Државниот пазарен инспекторат.

Бундалевска бара надлежните органи да утврдат дали лицата кои стопанисуваат со пристапот до пештерата поседуваат соодветни концесии и дозволи; дали работењето е целосно усогласено со прописите за безбедност и заштита од пожари; дали остварените приходи соодветно се пријавуваат и оданочуваат; дали постои судир на интереси при вршењето надзор над оваа дејност; дали е извршена проверка на потеклото на имотот на лицата вклучени во ова работење.

Еве го во целост текстот на претставката на Бундалевска:

„На 5 јули, околу 12 часот, изнајмив кајак од еден од операторите на Матка и се упатив кон пештерата Врело со намера да ја посетам како турист. На влезот на пештерата го затекнав лицето кое се идентификува како Амет Саиди од село Глумово, кој според моите сознанија е сопственик, односно поврзано лице со компанијата ‘Алмата Примо’, под чиј бренд се јавува субјектот означен на лице место како ‘Втора компанија’. Тој наплаќа влез од по 10 евра по лице, а согласно она што го забележав на самата локација, превезува и групи од по 20 лица по чамец без соодветни појаси за спасување. Ме извести дека не смеам да се приближам до пештерата без претходно да платам кај него. Му поставив прашање дали има законско право, концесија или друго овластување да го ограничува пристапот до пештерата Врело, која претставува природно и туристичко богатство. Му реков дека ќе платам за влезот доколку ми издаде фискална сметка. Амет Саиди одби да ми издаде фискална сметка, а веднаш потоа дојде до физички контакт и упатување закани спрема мене, поради што се почувствував загрозена за мојата безбедност. Поради страв, не го пријавив настанот веднаш, туку по подолго размислување одлучив да поднесам претставка до надлежните институции“, пишува таа.

Насилниците што наплаќаат кај „Куклица“ воделе проекти со ЕУ и со Министерството за животна средина — ќерката била кандидатка на Бачев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот