Почна да се поправа Македониумот во Крушево, привремено е ставен зад решетки
Реконструкцијата на споменикот „Илинден“ во Крушево, познат и како Македониум, деновиве започнала, а на галериите со витраж од надворешната страна се поставени решетки, за да се спречи да влегува вода додека траат работите.
Препорачано
Споменикот, дело на Јордан Грабулоски и Искра Грабул, е изграден пред 52 години, а во него се наоѓа гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев. Куполата на Македониумот, како и многу други споменици, со години беше запуштена и неодржувана. Поради долгогодишното прокапување, во ноември лани споменикот „Илинден“ беше прогласен за културно добро во опасност. На објектот се видливи траги од оштетување направено од влага, а при секој дожд, во неговата внатрешност буквално се прават езерца.
„Со цел да се заштитат галериите со витражи кои имаат големи оштетувања, како и стаклените галерии, на лице место се монтира челичната конструкција која веќе е изработена. А е изработена од кутијести профили со различни димензии. Ќе биде поиставена на вкупно 8-те галерии со стакло и на галериите со витраж од надворешната страна на првото и на второто ниво од Споменикот. Над конструкцијата се поставува лексан со дебелина од 16 милиметри. Со ова ќе постигнеме да не протекува повеќе вода во споменикот“, изјави неодамна Сузана Грибовска, советник конзерватор, архитект во Заводот и музеј-Прилеп.
За проектот за заштита на Македониумот се предвидени околу 90.000 евра.


