ФОТО | „Разбудете се секое утро како да ви е прво“: Романтичен концерт на Петар Грашо во Охрид
„Разбудете се секое утро како да е прво, а легнете си секоја ноќ како да е последна“, рече Петар Грашо на романтичниот концерт кој вчера (25 јули) го одржа во Античкиот театар во Охрид.
Препорачано

Хрватскиот кантавтор годинава слави 30 години кариера, и на негова желба, избра репертоар од 30-те негови најголеми хитови што ги испеа во акустична верзија.
„Размислував како би можел да славам три децении кариера, кои песни да ги изберам, и решив да ги свирам само песните кои биле број еден на топ-листите. Сакав ова да биде акустичен концерт каков што прилега за еден ваков, магичен простор“, рече Грашо.
Пеејќи ги хитовите, тој покажа дека сите негови песни биле број еден, што е причината што трае толку години како автор и како пејач. Без оглед на паузата што ја направи од 2003 до 2014 година, неговите песни се евергрини сами по себе. Неодамна, тој откри зошто решил да се повлече во екот на најголемата слава и да се посвети на гастрономијата.
„Овој регион, кој има повеќе од 20 милиони луѓе, не е лесен физички да се издржи и треба да бидете ментално стабилни и мора да знаете како да кажете не. Научив да кажам не. Ми требаа 10 години за да сфатам дека 120 концерти годишно не се опција бидејќи повеќе не уживате во полна сала“, откри Петар.

Грашо, кој додека не пееше, успешно водеше свој ресторан во родниот Сплит, но публиката никогаш не го заборави. Во 2014 година, тој на големо се врати со синглот „Увик исти“.
Песните, изведбата, неговиот далматински шарм и умешноста да го задржи вниманието на публиката од почеток до крај кај него се секогаш исти. Но, концертот во Антички беше различен од неговите претходни во Скопје и во Охрид, токму поради акустичните изведби кои му дадоа романтична атмосфера. Почна со најубавите балади, а заврши со неговите весели хитови и преработките на хитови од „Алфавил“, како „Forever Young“ и „Ми плешемо“ од „Прљаво казалиште“, еден од неговите омилени бендови од, како што рече, неговите најдраги 1980-ти.
„Поради честите настапи, јас немам можност да излезам во некој ресторан или во клуб и да нарачувам песни како сите, иако многу сакам. Затоа, имам право вечерва да си нарачам песна, од мојот бенд, а песната е од бендот кој сите го знаете, а ние сме ја имале честа да свириме со нив“, на оригинален начин тој го најави хитот од „Прљаво казалиште“.

Грашо никогаш не го заборава својот Оливер Драгојевиќ и заедно со публиката, во еден глас испеа два негови хита, меѓу кои безвременската „Цесарица“.
„Да не беше тој, јас немаше да бидам ова што сум денес. Тој ми рече дека треба да бидам пејач и да пишувам песни. Го откри мојот талент и ми даде поддршка кога имав само 16 години. Нема еден ден да не помислам на него, не поминува ниту еден ден да не се сетам на некоја приказна поврзана со него. Ми недостасува секој ден. Неговото име е Оливер Драгојевиќ“, рече Петар Грашо.
Публиката му ја исполни желбата и заедно ја испеаја „Цесарица“ без придружба на бендот, само со него.
Го испочитува и легендарниот композитор Ѓорѓе Новковиќ, таткото на Борис Новковиќ, кој самиот му се јавил и го замолил да го препее хитот на Мишо Ковач „Никога нисам волио тако“.
„Моје злато“, „Љубав за водича“, „Ако те питају“, „Уторак“ и многу други беа песните што ја разнежија и ја разиграа публиката. На првата песна, Грашо ја снимаше публиката со неговиот телефон.
Пораките за тоа колку треба да се сака животот и луѓето околу нас, тој ги испраќаше во текот на целиот концерт, кој го организираше продукција „Прагма“. Тоа е една од причините што оваа ноќ беше посебна и за паметење.


