Ирена Спировска/Фото: Приватна архива

„Човекот зад името“ — Ирена Спировска: Само благодарен човек може да биде среќен човек

Мислам дека најтешко ми беше да го прифатам фактот дека не се сите луѓе добри, дека секогаш постоеле и ќе постојат луѓе што прават лошо наспроти добрината што ја добиваат.

Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Денеска, зад името ја откриваме телевизиската водителка и новинарка Ирена Спировска, како човек.

Ирена Спировска/Фото: Приватна архива

Што е она што денес најмногу го барате и го цените во еден човек за да му го отворите своето срце?

– Мислам дека по ова прашање не се разликуваме многу едни од други, секој од нас бара искреност, стабилност, доверливост, разбирање и поддршка од луѓето околу нас и кога тоа ќе го препознаеме во некоја личност, тогаш е многу лесно да го отвориме срцето и да се врземе за таква личност, градејќи цврста и стабилна врска без разлика дали станува збор за пријателска, партнерска или соработничка врска.

Додека сме млади, многу полесно и понаивно го отвораме срцето и на луѓе што тоа не го заслужуваат, но низ животот и годините учиме да ги препознаеме вистинските наспроти лажните вредности кај луѓето, а со тоа дополнително уште повеќе и ги цениме тие вредности. Кругот на луѓето што ги сакам и им верувам е мал, но внимателно одбран, тие се мојот мал свет што за мене е поважен и повреден од сѐ друго околу мене.

Кои од Вашите некогашни „мора да биде“ принципи, сега ги заменивте со „не е важно“?

– Секој од нас се менува и созрева на свој начин, а неминовно со тој процес се менува и перцепцијата на нештата околу нас како и самите приоритети. Порано сакав да им посветам еднакво внимание и енергија на сите, без разлика дали припаѓаа во кругот на моите блиски пријатели или обични познајници, па дури и на луѓето што ме познаваа само преку малите екрани, многу малку одвојував време за себе и за нештата што мене ме прават среќна. Се трудев секогаш да стигнам да одговорам на сите покани за гостувања, интервјуа, ангажмани на сметка на своето слободно време. Со годините почнав да станувам сѐ посвесна дека им нема крај на обврските и дека ако самата не одвојам повеќе време за себе, никогаш нема ни да го добијам. Станав многу поселективна во однос на тоа што сѐ морам, а што не морам да правам и почнав повеќе да правам тоа што сакам наместо тоа што морам.

Постои ли нешто што со текот на времето престанавте да го барате, не затоа што сте го добиле, туку затоа што сте се промениле?

– Престанав да бидам перфекционист затоа што сфатив дека совршенство не постои, а впрочем и не е неопходно. Животот, луѓето и нештата се убави онакви какви што се, а не такви какви што ние би сакале да бидат.

Ирена Спировска/Фото: Приватна архива

Која вистина за луѓето најдоцна ја прифативте?

– Мислам дека најтешко ми беше да го прифатам фактот дека не се сите луѓе добри, дека секогаш постоеле и ќе постојат луѓе што прават лошо наспроти добрината што ја добиваат. Тоа е една од вистините што човек не може или не сака да ги види додека е млад и живее во илузија дека светот треба да биде совршен, а животот треба да биде фер кон сите.

Секој човек има едно заминување после кое повеќе никогаш не останува ист. Кое заминување најдлабоко Ве променило како човек?

– Мојата мајка замина од овој свет кога имав само десет години и токму тоа заминување ме направи поранлива и посвесна дека во животот ништо не е загарантирано. Низ процесот на болка и загуба секој поминува на различен начин и кај секој човек овие процеси оставаат трајни траги, но и нѐ прават поцврсти и поистрајни.

Кој човек, момент или ситуација во животот најмногу Ве научил на благодарност?

– Има многу ситуации во животот што нè учат да бидеме благодарни за благословите што ги имаме како раѓањето дете, имањето семејство, дом, пријатели, работа… Важно е да умееме да ги препознаеме, да ги чуваме и да им се радуваме. Само благодарен човек може да биде среќен човек, оној што умее да се радува на она што го има.

Што Ви открија планините за границите и можностите на сопственото тело и ум што не можевте да го научите на друг начин?

– Планините се моја голема страст и учител во животот. Ги засакав уште како дете бидејќи членував во извиднички клуб и таа љубов со годините постојано се зголемуваше. Одењето на планина е активност што ви го јакне телото, а во исто време ви го релаксира умот. Убавите планински пејзажи, чистиот воздух и престојот во природа се нешто што би го им го препорачала буквално на сите генерации. Планинарењето е начин на кој јас го пронаоѓам својот внатрешен баланс, мир и среќа.

Ирена Спировска/Фото: Приватна архива

Што е она за кое луѓето мислат дека Ви доаѓа лесно, а всушност бара многу внатрешна работа?

– Многупати ми кажале дека сум препознатлива по мојата насмевка и ведра енергија, но тоа секако не значи дека секогаш сѐ ми е наредено како што јас сакам да биде. Едноставно верувам дека не треба да ги оптоварувам другите со она што ми тежи или ми пречи, туку настојувам да споделувам позитивни емоции и ведрина. Сакам позитивни, пријатни и опуштени луѓе, па затоа се трудам и самата да сум таква.

Кога чувствувате дека сте се оддалечиле од себе, каде најчесто се враќате за повторно да се „соберете“?

– Одговорот на ова прашање е многу лесен: планината е мојот еликсир. Кога сум истрошена од секојдневните обврски, кога сум нервозна, загрижена или тажна планината секогаш има чудесна исцелителна моќ, природата како да ги впива во себе сите тие емоции и ви го олеснува внатрешниот товар што го носите со себе. Планината умее да ме слушне и да ме разбере без да ѝ зборувам, можеби затоа и толку многу ја сакам.

Ирена Спировска/Фото: Приватна архива

Како се справувате со моментите кога чувствувате дека светот е неправеден кон Вас, дали се повлекувате во себе или барате начин да вратите?

– Животот честопати нè става во ситуации што ги доживуваме како неправедни, но тоа се предизвици со кои сите се соочуваат. Од нас зависи како ќе се справиме со таквите ситуации и колку енергија ќе потрошиме на нив. Никогаш не барам начин на неправдата да вратам со неправда, се повлекувам и се дистанцирам, трудејќи се фокусот да го насочам кон други позитивни работи. Мирот е многу повреден од докажувањето дека сте во право.

Што за Вас значи да се прости, дали е тоа чин на ослободување на другиот од вината, или е чин на ослободување на самата себе од тежината што ја носите?

– Би рекла дека е и едното и другото, и токму во тоа е важноста и големината на простувањето. Не е секогаш лесно да се прости, но дефинитивно тоа е единствениот начин на кој можеме да си олесниме самите себеси, а и на другите. Секоја негативна емоција што ја чуваме и ја носиме во себе ни создава товар пред сè на нас самите, а дури потоа на другите. Некогаш непотребно трошиме денови, месеци, па и години за да надминеме и да простиме некои работи, а всушност на тој начин се повредуваме самите себеси.

Како ги поставувате границите за да ја заштитите Вашата приватност без притоа да се изолирате од светот?

– Професијата со којашто одбрав да се занимавам е професија во која е многу тешко да се заштити и да се одвои приватноста, но свесна бев дека е така уште од самиот почеток. Јас започнав да работам на телевизија кога имав само осумнаесет години, што значи дека буквално израснав пред камерите и некако се навикнав на тоа дека во тој свет секогаш приватноста и професијата ќе се испреплетуваат. Во меѓувреме се појавија социјалните мрежи, кои придонесоа приватноста на секој да стане многу поекспонирана отколку претходно така што сега веќе не чувствувам дека телевизиската професија е посебен товар во однос на приватноста, затоа што денес речиси никој нема потполна приватност.

Кој предмет што го чувате со години има најсилна приказна зад себе?

– Среќна сум што научив да не се врзувам за материјални предмети, иако сум имала многу предмети што за мене имале посебна емоционална вредност. Кога ќе се случеше да изгубам, да скршам или да ми биде украден таков предмет, секогаш чувствував вина и празнина. Научив дека важно е само она што го носиме во нас, чувствата, спомените и искуствата, а не предметите што нè поврзуваат со нив.

Ирена Спировска/Фото: Приватна архива

Која е онаа мала радост што Ве враќа во живот кога чувствуваш дека сè друго е премногу сериозно или тешко?

– Мојот круг на блиски луѓе е моето засолниште и радост во добрите, но и во тешките ситуации. Природата, планините, водопадите, реките и езерата во нашава земја, можноста да шетам и да уживам во нивната убавина… тоа се изворите на мојата радост. Убавината и среќата се во малите нешта што нè опкружуваат, само треба да умееме да ги видиме и да ги доживееме на вистински начин.

Кога би можела да му се заблагодарите на животот за само една работа, без долго размислување, за што би била таа благодарност?

– Одговорот на ова прашање е многу едноставен, благодарна сум за здравјето на луѓето што ги сакам и за моето здравје, сѐ друго доаѓа потоа.

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот