Горан Минчев - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Горан Минчев - Фото: Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Горан Минчев: Законот за правична застапеност ќе го донесеме и со „мал Бадентер“

Забелешките на ДУИ се неосновани, бидејќи законот има цел да ја гарантира уставната категорија на правична застапеност, но без недостатоците поради кои Уставниот суд го укина балансерот, вели министерот Минчев во интервју за „Слободен печат“.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев смета дека новото законско решение за правична застапеност е изработено од експертска група токму за да не се повторат слабостите на претходниот систем.

– Правичната застапеност е уставна категорија што произлегува од Охридскиот рамковен договор. Владата подготви ново законско решение за повторно да не се најдеме во ситуација како со балансерот, кој беше укинат од Уставниот суд. Законот е во Собранието, но во моментов е блокиран од ДУИ – вели Минчев за „Слободен печат“.

Во однос на барањата на ДУИ, министерот вели дека не гледа причина за нивното противење.

– Не ми се јасни нивните забелешки. Албанците и другите етнички заедници со овој закон добиваат посебно законско решение за правичната застапеност. Нашата намера е законот да биде донесен со голем Бадентер, но доколку тоа не биде можно, најважно е конечно да се обезбеди законска рамка што ќе може да се применува – нагласува тој.

Според Минчев, по донесувањето на законот ќе биде формирано координативно тело составено од претставници на Владата, Агенцијата за администрација, академската заедница и Народниот правобранител, кое ќе ја подготви методологијата за спроведување на правичната застапеност.

Тој ги отфрла критиките дека законот е „без заби“ и тврди дека суштината ќе биде токму во методологијата што ќе обезбеди доследна примена. Воедно посочува дека бројките покажуваат оти и по укинувањето на балансерот процентот на застапеност на етничките заедници практично не се променил, што, според него, покажува дека процесот може да функционира и без старата алатка.

Говорејќи за реформите во јавната администрација, Минчев оценува дека Владата за краток период донела пакет системски закони што со години биле нотирани како слабост во извештаите на Европската комисија.

– Добро е што ги донесовме законите, но уште поважно е тие да се спроведуваат. Имплементацијата е поважна од самото носење на законите – вели министерот.

Тој нагласува дека реформите се спроведувале низ транспарентен процес, со учество на институциите, експертите, академската јавност, невладиниот сектор и ЗЕЛС, а како еден од најзначајните закони го издвојува Законот за високата раководна служба.

– За првпат воведуваме јасна и транспарентна постапка за избор на високите раководни лица, со јавен конкурс и европски критериуми. Тоа е историски закон затоа што ја намалува можноста за партизација – вели Минчев.

Во однос на состојбата во администрацијата, министерот признава дека затекнал систем со сериозни слабости, но смета дека решението не е масовно отпуштање.

– Не мислам дека Македонија има преголема администрација. Проблемот е што со години имало партизација, непотизам и луѓе што не биле доволно вклучени во работниот процес. Затоа формираме Академија за обуки и сакаме преку доедукација да изградиме професионална администрација. Оној што работи ќе напредува, а оној што не работи нема да може да остане заштитен како досега – истакнува Минчев.

Осврнувајќи се на реконструкцијата на Владата, тој вели дека шпекулациите за незадоволство на ЗНАМ биле неточни и дека партијата никогаш не инсистирала на конкретни министерства.

– За нас не беше важно кој ресор ќе го водиме, туку да ги реализираме програмските определби што станаа дел од владината програма. Во Министерството за правда беше направена сериозна работа, а преземањето на земјоделството го гледаме како можност да покажеме резултати и на терен – рече тој.

Минчев откри дека ЗНАМ поставил два клучни политички услови за влез во Владата.

– Првиот беше ДУИ да не биде дел од Владата. Тоа не значи деалбанизација, туку дедуизација. Вториот беше да не се прифатат уставни измени под постојните услови, туку со одложена примена. Подготвени сме да разговараме за решение што ќе ги гарантира македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата – нагласува министерот.

Најостри беа оценките на Минчев за случувањата во СДСМ и иницијативата што се појави како критика на актуелното раководство.

– Тоа само ја потврдува тезата што ЗНАМ ја кажува веќе пет години – дека СДСМ е окупирана партија, без квалитетни политики. Венко Филипче формално е претседател, но конците ги влече некој друг – изјави Минчев.

Тој смета дека дел од луѓето кои денес бараат промени во партијата не реагирале кога СДСМ била на власт и носела клучни одлуки.

– Денес бараат промени, а тогаш молчеа за најважните државни прашања. Единствени кои јавно се спротивставија на тогашните политики беа Максим Димитриевски и Бранко Црвенковски – оцени Минчев додавајќи дека не сака да шпекулира дали од тие иницијативи ќе произлезе нов политички субјект.

На крајот повтори дека очекува Законот за правична застапеност да биде донесен што е можно поскоро и уште еднаш ја обвини ДУИ дека го блокира процесот во Собранието.

– Колку побрзо се донесе законот, толку подобро. Во моментов целиот процес зависи од ДУИ, која не сака да обезбеди Бадентерово мнозинство, иако ова решение е подготвено од уставни експерти и ја помина и Венецијанската комисија – рече Минчев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот