Аргентинците тврдат дека ниту еден нивен член не бил уапсен по финалето на Светското првенство
Во аргентинските медиуми деновиве одекнаа информации дека претседателот на Фудбалската федерација на Аргентина, Клаудио Тапија и благајникот Пабло Товиџино биле приведени на њујоршкиот аеродром пред враќањето на репрезентацијата во татковината по поразот во финалето на Светското првенство.
Препорачано
Според првичните објави, американските власти ги запреле двајцата функционери непосредно пред чартер-летот на аргентинската експедиција, а наводно побарале и увид во електронските уреди на Тапија.
Порталот „Инфобае“ објави дека американските истражни органи проверуваат комерцијални договори на АФА вредни повеќе од 300 милиони долари, како дел од поширока финансиска истрага за аргентинскиот фудбал, која следува по рациите спроведени во декември во рамки на истрага за перење пари.
Според информациите што ги пренесе „Ројтерс“, повикувајќи се на сведок од аеродромот, федерални агенти околу половина час ги испрашувале Тапија и Товиџино во автобус паркиран на аеродромската писта, додека аргентинската репрезентација се подготвувала за заминување.
Сепак, Аргентинската фудбалска федерација експресно ги демантираше тврдењата дека нејзините челници биле уапсени. Во официјалното соопштение се наведува дека американските власти не водат постапка ниту против Тапија, ниту против Товиџино.
„Целосно е неточно да се тврди дека американското правосудство ги повикало Клаудио Тапија или Пабло Товиџино да сведочат. Исто така, не е точно дека им биле одземени мобилните телефони или кој било друг електронски уред“, се наведува во соопштението на АФА.


