Шкендија гостува во Љубљана и ја знае најсилната страна на Браво
По вчерашниот пораз на Вардар од Рига, македонскиот фудбалски шампион Шкендија вечерва ќе го одигра својот прв натпревар од третото квалификациско коло во Конференциската лига. Противник на тетовскиот состав е словенечки Браво, а натпреварот ќе се одигра во Љубљана.
Препорачано
Со цел максимално да се адаптира на условите пред важниот европски предизвик, Шкендија во словенечката престолнина пристигна два дена порано и одработи два тренинга на стадионот „Стожице“, каде што ќе се игра средбата.
Тренерот Артим Положани на располагање ќе ги има и новите засилувања Марко Ѓорѓиевски и Јован Манев, додека поради различни причини нема да може да смета на голманот Бабакар Гаје и дефанзивецот Малиќи.
Дополнителен оптимизам за тетовци носи фактот што летните подготовки ги реализираа токму во Словенија, каде што одиграа и контролни натпревари против Копер и Целје, па добро се запознаени со условите во оваа земја.
Положани пред натпреварот истакна дека Браво е дисциплинирана и физички моќна екипа, која знае како тактички да ги искористи своите квалитети.
„Браво е квалитетен тим, тим кој дефинитивно го има своето најсилно оружје во физичката подготвеност, тоа е тим кој игра тактички добро, тоа е тим кој игра со брзи транзиции, на кои дефинитивно мора да преземеме мерки и да одговориме со добар или одличен пристап“, изјави Положани.
Натпреварот меѓу Браво и Шкендија е закажан за вечерва со почеток од 20:45 часот.


