Касемиро потпиша за Интер Мајами, МЛС отвори истрага околу регуларноста на трансферот
Интер Мајами го ангажираше Касемиро како слободен играч, но МЛС лигата покрена истрага против клубот од Флорида поради можно прекршување на правилата при неговото доведување.
Препорачано
Бразилскиот играч за врска потпиша договор кој практично е едногодишен, кој почнува од сега а трае до крајот на сезоната 2027, која ќе биде последна пред МЛС да премине на календар есен-пролет во сезоната 2027/28. Во договорот има и опција за продолжување, со која Касемиро би останал во Интер Мајами до сезоната 2028/29.
И клубот и лигата соопштија дека Интер Мајами ги добил „дискавери“ правата за Касемиро од Лос Анџелес Галакси. Сепак, МЛС не откри под кои услови е постигнат договорот.
„Мејџор Лиг Сокер разгледува пријава за можно недозволено влијание (тамперинг) против Интер Мајами. Лигата ги собира сите релевантни информации и нема дополнително да коментира додека не заврши истрагата. Иако Интер Мајами и Лос Анџелес Галакси постигнаа договор за пренос на правата за потпис на Касемиро, деталите ќе бидат објавени по завршувањето на истрагата“, стои во соопштението на МЛС.
Касемиро, петкратен освојувач на Лигата на шампионите со Реал Мадрид, неодамна ја заврши својата четиригодишна авантура во Манчестер Јунајтед. Тој настапи и за Бразил на Светското првенство 2026, каде што „селесао“ беше елиминиран од Норвешка во осминафиналето.
A new No. 5 is in the 305. @Casemiro is Home. 🙌 pic.twitter.com/VNL4FeHgub
— Inter Miami CF (@InterMiamiCF) July 22, 2026
Со неговото пристигнување, Интер Мајами добива уште едно големо име во тимот, покрај Лионел Меси, Родриго Де Пол и Луис Суарез.
Како функционираат „дискавери“ правата?
Во МЛС, поголемиот дел од големите трансфери на фудбалери кои доаѓаат надвор од лигата се реализираат преку таканаречениот „дискавери“ процес. Во рамките на овој систем, секој клуб има листа од најмногу пет играчи за кои има приоритетно право да ги потпише доколку тие одлучат да се преселат во МЛС. Сепак, тоа не значи дека само тој клуб може да го ангажира играчот, клубовите од МЛС можат меѓусебно да постигнат договор за пренос на „дискавери“ правата, со што на другиот клуб му се овозможува да започне преговори со фудбалерот. На пример, Марко Ројс првично беше на „дискавери“ листата на Шарлот ФК кога Лос Анџелес Галакси сакаше да го потпише во 2024 година, поради што Галакси му плати 400.000 долари на Шарлот за да ги добие правата за негов потпис.
Засега не е познато дали истрагата против Интер Мајами се однесува на евентуални директни преговори со Касемиро пред клубот официјално да ги добие правата за негов потпис или, пак, е поврзана со самиот договор меѓу Интер Мајами и Лос Анџелес Галакси.
Триесет и четиригодишниот Касемиро се смета за еден од најдобрите дефанзивни играчи за врска во својата генерација.
Во Реал Мадрид пристигна во 2013 година и освои пет титули во Лигата на шампионите, три шампионски титули во Шпанија и еден Куп на Кралот. Со Манчестер Јунајтед најголемиот успех му беше освојувањето на ФА Купот во сезоната 2023/24.
„Касемиро е олицетворение на сè што претставува овој клуб – лидерство, победнички менталитет и неверојатни успеси на највисоко ниво“, изјави сопственикот на Интер Мајами, Хорхе Мас.
Косопственикот на клубот, Дејвид Бекам, додаде:
„Тој е човек и фудбалер на кого му се восхитувам многу години. Роден победник кој постигна толку многу во Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Пресреќен сум што избра токму Мајами да биде неговиот следен дом.“


