Фото: Тениска федерација Молдавија

Ивановски обезбеди пласман во второто коло на турнирот во Австрија

Македонскиот тенисер Калин Ивановски ја продолжи серијата победи откако денеска на мечот од првото коло на ИТФ турнирот М25 Олерсбах, Австрија, го победи Александер Чајка од Русија со 2:1 во сетови 6: 7(7), 6:2, 6:4 за два часа и 45 минути игра. Ивановски има 14 победи во 15 одиграни мечеви во 2026 година.

Нашиот тенисер стартуваше одлично во мечот и по еден брејк имаше водство од 3:0 во гемови, но ривалот успеа да направи пресврт и со два брејка поведе со 4:3.

Сепак Ивановски веднаш направи нов брејк и изедначи на 4:4. Немаше нов брејк и сетот беше решен во тајбрејк, а и покрај водството Ивановски не реализираше неколку сет топки и Чајка поведе со 1:0 во сетови.

Тоа не влијаеше на играта на Ивановски, кој направи два брејка во вториот сет (трети и седми гем) и сетот го доби со 6:2 во гемови и изедначи на 1:1 во сетови. Во решавачкиот сет Чајка поведе со 2:0 во гемови, но Ивановски имаше нов брејк и стигна да изедначување од 2:2. Во деветтиот гем следуваше нов брејк за македонскиот тенисер, кој поведе со 5:4, а потоа на свој сервис беше успешен и сетот го заврши со 6:4 во гемови.

Во следното коло, в четврток Ивановски ќе игра против Бор Артнак од Словенија, кој е рангиран како осми носител и денеска постигна победа од 2:0 во сетови против квалификантот Патрик Хомола од Чешка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот