фото: EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

По шест години Кол Палмер и Морган Роџерс повторно ќе ги здружат силите

Кол Палмер повеќе нема да мора преку телефон да му честита на Морган Роџерс по секој добро одигран натпревар.

Ѕвездата на Челси со години беше првиот што му испраќаше порака на својот близок пријател секогаш кога ќе постигнеше гол или ќе одиграше одличен натпревар.

Сега двајцата повторно ќе бидат заедно, откако Морган Роџерс се пресели на „Стемфорд Бриџ“ во рекорден трансфер вреден 117 милиони фунти. Поранешните соиграчи од академијата на Манчестер сити повторно ќе ја делат соблекувалната, но овојпат во дресот на Челси.

Роџерс минатата година откри дека Палмер никогаш не пропуштал да му честита.

„По секој натпревар, тој е првиот што ми праќа порака. Ако сум постигнал гол, знам дека ќе ме чека порака по мечот. Убаво е кога некој кому му оди добро во кариерата постојано мисли на тебе и проверува како си“, изјави Роџерс за „Goal“.

Иако се исклучително блиски, раководството на Челси не побарало од Палмер да го убедува својот пријател да го избере лондонскиот клуб, иако Арсенал долго време беше сериозен кандидат за неговиот потпис.

Според информациите, новиот менаџер Чаби Алонсо лично ја предводел офанзивата за трансферот и одиграл клучна улога во убедувањето на Роџерс да се пресели во Челси.

Кој ја измисли славната „ледена“ прослава?

Палмер денес е препознатлив по својата прослава „Ice Cold“, која стана негов заштитен знак, па дури и многумина го нарекуваат „Cold Palmer“.

Сепак, Роџерс тврди дека токму тој прв ја извел таа прослава.

Фудбалерот ја покажа уште во декември 2023 година, додека настапуваше за Мидлсбро, по погодокот против Вест Бромвич.

Само неколку дена подоцна Палмер постигна два гола против Лутон и ја повтори истата прослава.

„Мојот другар Моргз ја направи прв за Мидлсбро и му реков дека ќе ја ископирам ако постигнам гол. Прославата симболизира радост, страст и напорна работа, а и совршено се вклопува со моето име. Денес сите знаат дека тоа е мојата прослава“, изјави Палмер тогаш.

Роџерс со насмевка возврати:

„Дефинитивно ме ископира. Тоа е мојата прослава. Проверете го времепловот – јас бев прв.“

Двајцата всушност ја смислиле прославата уште во деновите поминати во академијата на Манчестер сити, но мораа да го напуштат клубот за да добијат поголема минутажа во сениорскиот фудбал.

„Смешно е што една сосема обична шега меѓу нас прерасна во приказна за која постојано нè прашуваат. Сега сите го поврзуваат тоа повеќе со Кол отколку со мене, иако знаеме како почна сè“, призна Роџерс.

Нов почеток во Челси

Минатата сезона Роџерс постигна 14 голови, меѓу кои и еден во триумфот на Астон Вила во финалето на Лига Европа, а додаде и 11 асистенции.

Од друга страна, Палмер имаше сезона нарушена од повреди и заврши со 11 голови и три асистенции, поради што остана без место во составот за Светското првенство.

Роџерс, пак, беше дел од англиската репрезентација на Мундијалот, а веднаш по враќањето од Северна Америка отпатува во Лондон за да ги заврши медицинските прегледи и да го комплетира трансферот во Челси.

Иако официјално се повторно соиграчи, ќе помине уште малку време пред повторно да заиграат заедно. Палмер моментално е на претсезонската турнеја на Челси во Австралија и Азија, додека Роџерс доби краток одмор и ќе му се приклучи на тимот по враќањето на експедицијата во Лондон.

Англискиот репрезентативец Морган Роџерс за 117 милиони фунти во Челси

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот