Гиљермо Очоа/AEL Limasol

Крај на една ера: легендарниот мексикански голман Гиљермо Очоа се пензионираше од фудбалот

Легендарниот мексикански голман Гиљермо „Мемо“ Очоа официјално стави крај на својата богата професионална кариера. Четириесет и едногодишниот чувар на мрежата ја соопшти одлуката преку емотивно видео, упатено до своето семејство и до навивачите.

Со своето последно Светско првенство годинава, Очоа четврти пат настапи на Мундијал, но беше повикан во репрезентацијата на Мексико на дури шест светски шампионати. Со тоа се приклучи на ексклузивното друштво заедно со Кристијано Роналдо и Лионел Меси како единствени фудбалери кои биле дел од шест мундијалски селекции.

Најголемите успеси ги доживеа токму во дресот на мексиканската репрезентација.

„Еден дрес секогаш беше поразличен. Тој претставуваше цела една нација“, вели Очоа во видеото.

„Секојпат кога го облекував дресот на Мексико, во моите раце беше сонот на милиони Мексиканци. На оние кои не можеа да бидат на стадион, но натпреварот го следеа пред телевизорот со своето семејство. На навивачите кои го изгубија гласот пеејќи ја ‘Cielito Lindo’. И на оние кои тивко се молеа пред секој пенал.

Не можам да ја разберам мојата репрезентативна кариера без да сфатам колку голема беше таа одговорност.“

Еден од најнезаборавните моменти во неговата кариера беше натпреварот против домаќинот Бразил на Светското првенство во 2014 година, кога со шест фантастични интервенции му помогна на Мексико да избори реми 0-0.

Осум години подоцна, на Светското првенство во 2022 година, Очоа го одбрани пеналот на Роберт Левандовски и стана првиот мексикански голман кој одбранил пенал на натпревар од Светско првенство.


Со репрезентацијата освои шест титули во Голд купот на КОНКАКАФ, а беше дел и од селекцијата што ја освои Лигата на нации на КОНКАКАФ во сезоната 2024/25.

Очоа е производ на младинската школа на Клуб Америка. По успешните настапи во Франција, Шпанија и Белгија, во 2019 година се врати во матичниот клуб, а неговото доаѓање предизвика вистинска еуфорија – илјадници навивачи го пречекаа на аеродромот во Мексико Сити.

Последниот настап на Светското првенство во 2026 година беше симболичен. Очоа влезе во игра во финишот од последниот натпревар на Мексико во групната фаза, кога селекторот Хавиер Агире го замени првиот голман Раул „Тала“ Ранхел за да му овозможи на легендарниот чувар на мрежата да добие стоечки овации на преполнетата „Ацтека“.


Токму на стадионот каде што започна неговата блескава кариера, Гиљермо Очоа ја затвори својата фудбалска приказна, испратен со огромен аплауз од мексиканските навивачи и љубителите на фудбалот ширум светот, кои со години уживаа во настапите на легендарниот „Мемо“ на светските првенства.

По шест Светски првенства, Роналдо ќе го одигра последниот натпревар во дресот на Португалија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот