Миленкоски го објави поширокиот список на одбојкари за Европското првенство 2026
Во пресрет на стартот на подготовките за четвртото во низа Европско првенство на машката сениорска одбојкарска репрезентација, селекторот Јошко Миленкоски го објави поширокиот список на кој се најдоа 18 одбојкари.
Препорачано
Поголеми изненадувања или промени во изборот нема, а Миленкоски стандардно се потпира на оние репрезентативци кои го носеа товарот и досега. За разлика од настапот во Европската лига 2026 на списокот недостасуваат младиот среден блокер Митко Спасов, кој ќе има обврски со У20 селекцијата во Зонските квалификации за Европското првенство 2027, како и либерото Ване Арапов.
Првиот собир на репрезентацијата е закажан на 5 август на пладне во хотелот „Монтана“ во Крушево, каде екипата ќе го одработи првиот дел од подготовките за ЕвроВолеј 2026.
Европското првенство ќе се одржи од 9 до 26 септември во Италија, Бугарија, Романија и Финска.
Македонија е дел од групата Б во Софија, каде покрај домаќинот Бугарија (со кој го отвора првенството на 9 септември) за противници ги има и селекциите на Полска, Украина, Португалија и Израел.
Поширок список на машка сениорска одбојкарска репрезентација:
Техничари: Ѓорѓи Ѓоргиев (Алтерна СВВБ/Франција), Давид Стојанов (Штип УГД), Лука Ристоски (Работнички 71&22).
Коректори: Никола Ѓоргиев (Карловарско/Чешка), Стојче Арсов (Штип УГД), Кристијан Илијев (Струмица 47&72).
Примачи: Александар Љафтов (Штип УГД), Влади Милев (ВРЦК/Унгарија), Лука Костиќ (Анагенисис/Кипар), Стојан Илиев (Штип УГД), Тоше Ефремов (Чрнуче/Словенија), Јован Милев (Струмица 47&72).
Средни блокери: Филип Маџунков (Леувен/Белгија), Филип Савовски (Панатинаикос/Грција), Михајло Мирасчиев (Штип УГД).
Либера: Костадин Ричлиев (Штип УГД), Филип Јованов (Хоче/Словенија), Дарко Жабев (ГОК Борец).


