Почина Плас Џонсон, легендарниот саксофонист кој ја отсвири музиката за „Пинк Пантер“
Американскиот џез-саксофонист и еден од најплодните студиски музичари во историјата, Плас Џонсон, почина на 94-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврди локалниот весник во неговото родно место во Луизијана, наведувајќи дека музичарот починал на 15 јули, пишува „РолингСтоун“.
Препорачано
Причината за смртта сè уште не е објавена.
View this post on Instagram
Џонсон останува најпознат во светската јавност по незаборавната соло-делница во тема за филмот „Пинк Пантер“ (The Pink Panther Theme) од 1963 година, која ја сними во соработка со познатиот композитор Хенри Манчини. Саундтракот за оваа култна комедија освои три Греми награди и беше номиниран за Оскар за најдобра оригинална музика.
„Снимавме само два пати, доколку добро се сеќавам. Кога завршивме со свирењето, сите во студиото аплаудираа, дури и музичарите на гудачките инструменти“, се присетуваше тогаш Џонсон за создавањето на легендарната мелодија.
Роден на 21 јули 1931 година во Луизијана, Џонсон ја започна својата музичка кариера уште како дете пеејќи со своето семејство, пред татко му да му го купи првиот саксофон. По отслужувањето на воениот рок, во 1954 година се пресели во Лос Анџелес, каде што брзо стана еден од најбараните студиски саксофонисти.
Во текот на својата повеќедецениска кариера, неговиот препознатлив звук го обогати творештвото на гиганти како Френк Синатра, Ела Фицџералд, Марвин Геј, Б.Б. Кинг, „Бич Бојс“, Џони Мичел, Род Стјуарт и многу други. Иако изворно беше џез-музичар, Џонсон со леснотија преминуваше во поп и рок жанровите, оставајќи неизбришлива трага во модерната музичка историја.


