Вкупно 33 луѓе завршија во болница по скопското невреме, голема среќа е што никој не загина
Во вчерашното силно невреме во Скопје вкупно 33-ца луѓе, од кои неколкумина со тешки повреди, биле примени во болниците, информираше Министерството за здравство.
Препорачано
Во „Св. Наум Охридски“ помош побарале 22-ца повредени, од кои двајца се задржани на болничко лекување.
Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на Клиниката за ТОАРИЛУЦ се примени 11 луѓе, од кои тројца имале скршеници.
Сите повредени се во стабилна состојба, велат здравствените власти.
Македонската јавност го памети случајот од пред неколку години, кога 18-годишна девојка загина во Тетово, кога силен ветер го откорна покривот на едно од одделенијата на болницата. Со оглед на бројот на повредени и на јачината на ветерот што вчера го погоди Скопје, вистинска среќа е тоа што нема загинати.
Од невремето е оштетена и старата конструкција на покривот на болницата „8 Септември“ во Скопје, но тоа не предизвикало прекин во работата.
Значителна штета невремето предизвика и на покривот на Клиничката болница во Штип, каде се погодени Одделот за ортопедија и ортопедската сала, а поради тоа пациенти беа преместени на други одделенија.
До санирањето на штетата, пациентите со скршеници од Источниот регион привремено се упатуваат во други центри, за да добијат соодветен третман без одлагање.
Во круговите на сите болници има паднати дрвја, а осигурителните компании веќе работат на процена на штетата и веднаш потоа се пристапува кон обнова на кровните конструкции, за да се обезбеди непречено функционирање, велат од Министерството.
Орканскиот ветер од вчера сруши дрвја и покриви, но не и рекордот за најбрз ветер во Македонија


