Сопругот на Јелена Јованова проговори за нивниот брак: „Еден друг на друг сме си најдобри критичари“
Хрватскиот актер Стејпан Периќ, кој наскоро ќе се појави во новата серија „IQ 160“, отворено зборуваше за приватниот живот со сопругата, македонската актерка Јелена Јованова Периќ, откривајќи дека токму таа му е најголемата професионална поддршка, но и најискрен критичар.
Препорачано
Во интервју за „Нет.хр“, Периќ се осврна на нивната љубовна приказна, која започнала на снимањето на серијата „Тајни“ (Tajne). Минатата година двојката одбележа десет години брак, а актерот вели дека токму благодарение на професијата ја пронашол љубовта на својот живот.
„Ако оваа работа ништо друго не ми донесеше, секогаш ќе бидам благодарен и среќен што ја избрав, бидејќи на некој начин ми го донесе највредното – семејството“, изјави Периќ.
Бидејќи и двајцата се актери, неизбежно е работата да биде дел од нивното секојдневие. Сепак, наместо ривалство, меѓу нив владеат взаемна доверба и професионална поддршка.
„Еден друг на друг сме си најдобри критичари. Покрај себе имам исклучително успешна и искусна колешка, која покрај тоа е и моја сопруга. Секако дека Јелена ми е помош и поддршка во работата, како што и јас сум нејзина“, рече актерот.

Периќ и Јованова се родители на два сина – шестгодишниот Јаков и едногодишниот Тома. Актерот признава дека татковството целосно го променило.
„Моето срце сега сака уште две прекрасни суштества, поради што се чувствувам богат и исполнет. Созреав и кон работата пристапувам попрагматично. Мислам дека поради тоа и подобро ја работам“, вели тој.
И покрај бројните професионални обврски и грижата за двете мали деца, Периќ открива дека тој и Јелена секогаш наоѓаат време еден за друг.
„Имаме, секако. Знаеме да си одвоиме наше време, затоа што ако сами не си го земеме, никој нема да ни го даде“, изјави актерот.
Освен за семејството, Периќ зборуваше и за новата улога во серијата „IQ 160“, која, како што вели, ја прифатил поради доброто сценарио и силниот актерски тим.


